Богат викенд исполнет со настани ни претстои во градот. Денес ова го најави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

– Пред нас како град ни претстои продолжен викенд кој што ќе биде богат со содржни. Денес тука со мене се организаторите на тие настани кои што ќе го збогатат продолжениот викенд и за кој се надеваме дека многу луѓе од Македонија и странство ќе бидат наши гости и да поминат убави денови. На 8ми, 9ти и 10ти септември ќе се одржи Фестивалот на виното кој за првпат се организира во Охрид. Уште една содржина е Охридскиот пливачки маратон кој што ќе се одржи во сабота на 10ти за кој Локалната самоуправа вложи напор заедно со Пливачката федерација и охридските пливачки клубови за да имаме маратон. Во сабота имаме уште една содржина, а тоа е ракометниот натпревар помеѓу екипите на Охрид и Прилеп, а во недела како надополнување на продолжениот викенд е организацијата на финалето во Супер купот во ракомет помеѓу екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер. Многу содржини ни претстојат во овие денови за кои се надеваме дека ќе привлечат многу гости и се надевам дека ќе биде пример за наредното лето како би се организираме за токму кога привршува туристичката сезона да привлечеме повеќе гости во нашиот град, рече градоначалникот Пецаков.

За деталите на Охридскиот фестивал на виното зборуваше организаторот Пане Темов.

– Нашата организација опфаќа повеќе фестивали во Скопје и Кавадарци и тоа значи дека веќе имаме доволно искуство со винската култура во Македонија. На Охридскиот фестивал на виното ќе донесеме десетина винарии, но штандови ќе имаат и неколку увозници на вино. На штандовите посетителите ќе може да вкусат вина и од Шпанија, така да ќе имаме голема понуда на вина. Очекуваме да ги задоволиме сите вкусови. Ќе имаме музичка програма за сечиј вкус, во четврток ќе бидат домашните бендови, Камелеон и Бекдор бенд и Фолтин за крај на првата фестивалска вечер, истакна организаторот Темов.

Охридскиот пливачки маратон оваа година ќе се одржи на десети септември со почеток во 10 часот.

– На патеката „Климе Савин“ во сабота ќе пливаат осум пливачи од пет различни држави. Во склоп на маратонот организираме и доплнителни содржини со цел да го вратиме препознатливиот сјај на маратонот од минатото. Во четврток на плоштадот кај Долна порта ќе се направи презентација на сите пливачи, понатака ќе имаме изложба на стари фотографии од минатото и проекција на документарниот филм „Охридски пливачки легенди“. Во петок овој документарен филм ќе се емитува за децата од основните и средните училишта во Охрид, во сабота покрај главниот настан, организираме и работилница заедно со децата од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и заедно со УНЕДП на тема „Заеднички преспективи, младите за Охридското Езеро“. Истиот ден ансамблот „Билјана“ ќе има одржи мал концерт, рече Ристе Јанкоски, координатор на организациониот одбор за организација на Охридскиот пливачки маратон.