Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков  денеска  присуствуваше на отворањето на двете научни конференции „INSCOSES 2022“ и „EERIA“ што се одржуваат на  Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.

На настаните учествуваат претставници  од 20 Европски земји, а предавања  од областа на туризмот и осигурувањето ќе одржат  еминентни професори и научници од Светот.

Во своето поздравно обраќање пред присутните градоначалникот, Кирил Пецаков, истакна:

– Почитувани организатори и учесници  на двете научни конференции „INSCOSES 2022 и EERIA“ ви посакувам топло добредојде , пријатен престој во Охрид и успешна работа  на вашите два научни собири.

Примете ја и мојата благодарност што го избравте Охрид , како место за одржување на конференциите , зошто со тоа ја потврдувате  нашата стратешка определба  за развој на  научниот туризам.

Импозантниот број на учесници од 20 Европски земји и еминентните предавачи од областа на туризмот и осигурувањето доволно говорат за тежината на овој настан со светско реноме.
Туризмот е нашата стопанска гранка која целиме секогаш да ја усовршуваме и надополнуваме затоа што сме еден од најголемите туристички центри во државава и регионов. Научните  сознанија  се најмоќното оружје  кое може да го промени  Светот на подобро и токму затоа јас верувам дека  овој настан  на кој ќе се разменуваат ставови и искуства за Туризмот и Осигурувањето  ќе бидат применети и во  нашава високообразовна институција  каде денес се наоѓаме,  а подоцна и во пракса.

Деновиве вие многу стручно и посериозно  ќе разговарате на теми од областа на туризмот и осигурувањето. Но ви препорачувам да одвоите време за заедничко дружење и обиколка на нашиот  град и да ја почувствувате неговата древност и сегашност.

Во древниот Охрид свои траги оставиле многу цивилизации. 7 000 години на овие простори се градел вонвременскиот  културен и духовен мозаик, кој дополнително ни дава сила полесно да ги прескокнуваме препреките на сегашноста и да ги прифаќаме предизвиците на иднината. Охрид  плени со убавини на секој агол. Тој функционира како идеален склоп на традиционалното и модерно време со многу културно – историски знаменитости, цркви, археолошки локалитети и музеи и секако кафулиња и ресторани за сечија душа.

Прошетајте во Охрид посетете ги неговите убави места и јас сум убеден дека повторно ќе сакате да се вратите кај нас – рече градоначалникот Пецаков.