Ohrid - City of UNESCO

Локална самоуправа

Додатни информации

Јавен оглас

Линкови

Почеток :: Останати вести
НА КОМЕМОРАТИВНА СЕДНИЦА ОПШТИНА ОХРИД СЕ ЗБОГУВА ОД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈОВАН СТОЈАНОСКИ
Untitled Document

Во присуство на потесното семејството, на прерано починатиот градоначалник Јован Стојаноски, премиерот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и дел од министрите на владиниот кабинет, претставници на дипломатскиот кор и бројни пријатели и граѓани на Охрид, Општина Охрид на комеморативна седница му оддаде последна почит на градоначалникот Јован Стојаноски.

Во името на Владата на Република Македонија, премиерот Зоран Заев, истакна дека ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски е загуба за академската заедница, за нашата држава, за партијата СДСМ и за Охрид.

- Јован беше колега, пријател и голем професионалец. Како градоначалник беше посветен на својата визија Охрид да биде вистинска европска, културна и туристичка престолнина. Беше препознаван како човек, пријател и сограѓанин, со топла и непосредна природа. Беше отворен за разговор за секој личен проблем. За секоја иницијатива и предлог. Почитуваше и разбираше.Неговите постапки и однесувања со одмереност, ненаметливост и внимателност ги споделуваше со сите со кои соработуваше или се среќаваше.Тие вредности правеа од секој негов колега, соработник, пријател и од сите сограѓани во градот и пошироката заедница, да му возвраќаат на ист начин. Со длабока почит – истакна премиерот Заев.

Пратеникот Томислав Тунтев се обрати во името на Собранието на Република Македонија.

- Велат дека еден човек умира два пати, еднаш кога физички го напушта овој свет  и вторпат кога ќе престане сеќавањето за него. Големите луѓе како тебе Јован   никогаш нема да умрат, затоа што ти засекогаш ќе живееш во нашите сеќавања- рече  пратеникот  Томислав Тунтев.

Во името на Советот на на Општина Охрид, последни зборови упати претседателката Живка Ангелоска.

- Во оваа сала од оваа говорница, секогаш ги отпочнував моите обраќања, со зборовите – почитуван градоначалник и денес така ќе оточнам. Почитуван градоначалник... но нема кој да ме отпоздрави и тивко да ми климне со главата. Со твоето прерано заминување граѓаните на Охрид изгубија визонер, градски татко и другар. Искрен поклоник на спортот и младите. Советот и локалната самоуправа го загубија својот лидер,  колега,  го  изгубија својот едноставен и голем Јован. Бескрајно ќе ни недостига твојата непосредност  со сите вработени, твојот одмерен такт за политичко балансирање во советот, со единствена и непоколеблива верба за доброто на Охрид и неговите граѓани – рече Ангелоска.

Секретарот на Општина Охрид Игор Бежоски, во името на вработените во локалната самоуправа, ги упати последните зборови со почит кон градоначалникот.

- Вработените во локалната самоуправа не го изгубија само градоначалникот Јован Стојаноски. Го изгубија, како што многумина те нарекуваа едноставно, Јован – со искрена почит за твојата личност,  непосредност, духовитост и секогаш полн со разбирање за сите вработени и проблемите во секојдневното работење – рече Бежоски.

Емотивното обраќање на братот Стојмир и синот Димитар, предизвика бура од емоции во преполнетата сала на Општина Охрид.

- Мојот брат имаше време и разбирање за сите. Неизмерно го сакаше Охрид и велеше дека нашиот град е божествен. Во името на семејството, Ве молам да ги реализирате неговите визии- рече  Стојмир , братот на градоначалникот Јован Стојаноски.

- Не учеше да градиме вредности на љубов, да се почитуваме меѓу себе. Од самиот почеток ме учеше да бидам свој човек, да не се влечам на неговиот грб. Да бидам Димитар Стојаноски, а не синот на градоначалникот или синот на професорот. Со голем труд, посветеност и желба какви што ги имаше татко ми само така може да се успее во животот – рече синот Димитар.

Свету, кога ќе умрам во својата тишина сочувај само еден збор за мене. Зборот Љубов. Јован Стојаноски, професорот, градоначалникот, пријателот беше Љубов. Со овие зборови заврши комеморативната седница посветена на прерано починатиот градоначалник на Охрид,  Јован Стојаноски.

Прочитано:  499  пати
Објавено на: 17.12.18

Настани

Мар 25 Годишнина од смртта на Методи Патче

Мар 31 Годишнина од смртта на Борис Чипан

Апр 7 Светски ден на здравјето

Календар на настани

Актуелни информации

ЛОКАЛЕН ЕКОЛОШКИ АКЦИОНЕН ПЛАН ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА (ЛЕАП) ЗА ПЕРИОД 2019 - 2025


ОТЧЕТ 2018

Информации од урбанистичката сфера

Информации за даночни обврзници

Корисни линкови

Фотографија на неделата


Панорама на Охрид 360

 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©