Во организација на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, денеска во посета на Општина Охрид беа амбасадори и високи дипломати од странските амбасади во нашата држава. Оваа посета е дел од промотивниот караван за презентација на економските потенцијали и инвестициските можности на Југозападниот регион.  

Во своето обраќање пред значајните гости градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека ваквите средби и активностите се една исклучителна множност да се согледаат резултатите од досегашната соработка, но и да се разговара за идните планови и можностите за економски вложувања, кои се во интерес на граѓаните на општина Охрид и останатите општини од Југозападниот регион.

Karavan_Ambasadori_15042022004– Напредокот на општините во современи услови треба да се темели на сигурен локален економски развој. За успешноста на овој концепт потребна е поволна клима за деловни активности и инвестирање. Охрид и поширокиот регион, поради своите природни и културни богатства располага со идеални услови за инвестиции во туристичката сфера, но исто така нуди и поволни услови за егзистирање и на други стопански гранки.

Доказ за тоа се бројните успешни бизнис приказни на локални стопанственици, но и на странските инвеститори кои во текот на изминатите години остваруваат одлични резултати во работењето, постојано го унапредуваат производството и отвораат нови работни места, што е од особена важност за подобрување на животниот стандард на населението, рече градоначалникот Пецаков.

Тој нагласи дека е особено задоволен од досегашната соработка со Центарот за развој на југозападниот плански регион и изрази надеж дека и во иднина заедно ќе имплементираат низа важни проекти во повеќе сегменти од општественото живеење.

– Општина Охрид согласно своите надлежности и задолженија, а во насока на подобрување на условите во дел од стопанството, преку Програмата за локален економски равој и во иднина ќе продолжи да реализира различни мерки и активности. Исто така, континуирано ја продолжуваме соработката со компаниите и ќе обезбедиме услови за поголема промоција на Охрид како место за нови бизнис инвестиции.

Верувам дека и во иднина заедно со останатите општини од Југозападниот регион ќе продолжиме да работиме за подобар регионален развој, ќе оствариме поголема меѓусебна соработка и ќе реализираме активностите кои се наш заеднички интерес, потенцираше Пецаков.

По средбата со градоначалникот Пецаков гостите ја посетија и локалната фирма „Жито Леб“ како еден од примерите за успешни локални бизниси. Во рамки на целодневната агенда дипломатскиот караван оствари посета и на општините Кичево и Струга.

Дипломатската делегација ја сочинуваа високи дипломати од Јапонија, Австрија, Кина, Шпанија, Словенија, Романија, Косово, Бугарија, Грција, Холандија, Хрватска, Црна Гора и Албанија.