Првиот извештај за напредок по однос на препораките од последната сесија на Комитетот на светско и природно наследство, државната делегација во која е и градоначалникот Константин Георгиески, го презентира денеска во седиштето на УНЕСКО од Париз, Франција. На средбата со Мечтил Рослер, директор на Центарот за светско културно наследство при УНЕСКО и Изабел Анатоле- Габриел, шеф на Одделот за Европа и Северна Америка, градоначалникот Константин Георгиески, информира за чекорите кои се преземени во однос на имплементацијата на препораките и обврските преземени на сесијата на Комитетот што се одржа во Баку. Беа презентирани преземањата во однос на препораките кои се под ингеренции на државните институции, микроменаџментот на локално ниво и чекорите преземени од страна на општина Охрид.

Претставниците на УНЕСКО изразија поддршка и задоволство за посветеноста и прогресот што е направен за реализирање на препораките од сесијата на Комитетот во Баку, со надеж дека процесот ќе продолжи со истиот интензитет.На средбата беше најавено дека во месец ноември, претставници на УНЕСКО ќе дојдат, за на терен да ја скенираат состојбата и да се уверат за постигнатиот напредок.

Во рамки на состаноците и официјалните средби со високи претставници на оваа меѓународна органзација, беа презентирани актуелните состојби, преземените активости и мерки на локално и централно ниво, за да се исполнат 19-те препораки од последната реактивна мисија на УНЕСКО од 2017 година.

Во текот на изминатите три месеци, општина Охрид покажа значителен напредок во делот на исполнување на препораките. Покрај Акцискиот план за постапување кој беше донесен на почетокот на месец август, Советот на општина Охрид ја усвои и Одлуката за времен прекин на донесувањето и спроведувањето на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Со оваа одлука веќе е исполнета препораката под реден број 6.

Во однос на препораката под реден број 9, во месец јуни беше изготвен Регистар на бесправно изградени објекти, за кои во периодот од 2006-та година до мај 2019-та година, инспекциските служби имаат констатирано прекршувања на Законот за градење и имаат донесено некаков акт со кој се утврдува нелегална градба. Изработен е детелен попис на градбите, а во тек е изработка на оцена на влијание на бесправните градби врз културното и природното наследство.

Во согласност со законските процедури, општина Охрид веќе ја започна акцијата за отстранување на бесправните градби, која се одвива по утврдена динамика. Во рамки на акцијата, ќе се отстрануваат објекти кај кои не постојат правни пречки и акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица кои имаат добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на општина Охрид. Во однос на превенцијата на понатамошни бесправни градби во Охрид, општината ги засили инспекциските контроли и го доекипираше општинскиот инспекторат, со уште двајца нови градежни инспектори.

Во делот на препораката под реден број 18, во тек е изработка на Сообраќајна студија за Охрид, а веќе функцинира постојан режим на сообраќај со електронска евиденција на возилата во стариот дел на градот. Исто така значаен напредок има и во однос на препораката под реден бвој 19, врз основа на која се пристапи кон отстранување на неавтохтоните видови на растенија (палми) и рекламните паноа-билборди.