На првиот училишен ден, градоначалникот Константин Георгиевски беше во с. Пештани каде во Општинското Основно Училиште „Св. Наум Охридски“ ги поздрави првоодделенците со желба успешно да запловат во Светот на знаењето, а општината ќе продолжи да ги подобрува условите за реализација на образовниот процес во Охрид и околината.

– Верувајте за  мене ова е еден од најубавите денови во годината зошто нема  ништо подобро да гледаш „чисти “ детски ликови , кои помалку  збунето и  уплашено зачекоруваат  во животот што е пред нив.  За прв пат  стапнуваат  на прагот од нивниот втор   дом и влегуваат во својот клас во кој соучениците стануваат едно  ново семејство. Симпатични првачиња,  опкружени со љубов и внимание,  добре дојдовте во овој неверојатен Свет на знаење и откритија.  Најубавиот период од годината-  летото  заврши   со сите  безгрижни игри и убави спомени.  Не се обесхрабрувајте, пред Вас е едно многу поинтересно  време  исполнето со   учење и игра. Приказните и бајките  од волшебни Светови   ќе ги заменувате со буквари и читанки во кои ќе читате реални случувања   од секојдневието. Од денес ваша преокупација ќе станат буквите и бројките. „Ловете“ знаење и не се разочарувајте, ќе имате доволно време за  дружба и игра. Овде во училиште ќе ги запознаете најдобрите другарчиња и првите симпатии. Времето брзо минува , а со тоа и овие најубави школски денови. Затоа бидете добри и  хумани, подајте си рачиња едни со други. Делете го вашиот појадок и ужинка, помагајте си меѓу себе.  Драги дечиња, денес  го преминувате прагот на неверојатниот замок во Кралството на знаењето. Името на овој замок е училиште. Кралот   е работата , а кралицата е трпеливоста. Работата и трпеливоста  се неопходни за да бидете главни во  Кралството на знаењето.Не секој училишен предмет или домашна задача ќе бидат подеднакво привлечни за вас. Тоа е во ред. Но најбитно е максимално да се вложувате и да покажете интерес за знаење. Зошто верувајте, колку повеќе учите и совладувате нови знаења толку повеќе отворате животни врати пред себе и сами градите светла иднина за  Вас. Вие учете и совладувајте нови врвови на знаење, а ние како одговорна власт  секогаш ќе работиме на подобрување на условите за реализација на образовниот процес. Во ова училиште, каде денес се наоѓаме го променивме кровот и дограмата, а во подрачните училишта во  селата Елшани и Коњско ги променивме кровот и подовите. Работевме и работиме на реконструкции и разубавувања  и во другите охридски училишта.  Драги првачиња ви посакувам училишните денови да ви донесат само радосни моменти, а деновите на учење нека летаат брзо и лесно како птица на небото– рече градоначалникот Георгиески.