Во рамките на годинашните „Прличеви беседи“, денеска во Центарот за култура, на познатиот писател, поет и сценарист Стево Симски свечено му беше врачена Повелбата за најадобра поема за 2019 година, за неговото дело „Таинство на богомилите“. На свеченоста се обрати и претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска.

-Ми причинува особена чест и задоволство, во името на Општина Охрид, на лауреатот на наградата „Григор Прличев“ за најдобрата поема „Таинство на богомилите“  за 2019 година,  Стево Симски да му го честитам ова високо признание и да му посакам многу творечка енергија и нови книжевни рожби. Најискрени честитки и до сите учесници на оваа важна културна манифестација со која на достоинствен начин, секоја година го одбележуваме ликот и делото на големиот Григор Прличев.

Со секоја нова поема, секоја година творците го збогатуваат фондот на оваа литературна форма и чекорат по патот на Вториот Хомер, добитникот на Ловоровиот венец за најдобра поема на конкурсот во Атина, охриѓанецот Григор Прличев. Тој е најмаркантната фигура на македонската преродба од 19-от век, човекот, кој со своето дело и мотото „совршенство или смрт“ жестоко им се спротиставуваше на сите оние кои во тие бурни времиња сакаа да и наштетат на Македонија.

За поемата „Таинство на богомилите“ од  Стево Симски, жири комисијата во образложението ќе напише „исказот е лирски сугестивен и хармоничен, напати спокоен и мирен, но и згуснато сензитивен, метафоричен, со посредство на кој се гради дејствие во навидум спокоен од, но истовремено пронижан со интензивната динамика на случувањата“. Тоа се стручни оценки кои потврдуваат дека не случајно, поетот, раскажувач, писател за деца и сценарист Симски по 20 години повторно е награден на истиот конкурс за најдобра поема.

Следбениците  и современиците на Прличев велат дека тој е најгоростасна преродбеничка фигура, со дело кое се рангира на врвот на македонската литература. Нашата култура ќе беше посиромашна без „Сердарот“ и „Скендербег“, но и без досегашните и идните поеми на учесниците на конкурсот за најдобра поема „Григор Прличев“, рече Живка Ангелоска, претседател на Советот на општина Охрид .

На свеченоста на доделувањето на наградата, најдобрата поема „Таинство на богомилите“ ja претстави претседателката на жири комисијата Маја Јакимовска- Тошиќ, во името на Центарот за култура се обрати Зоран Пејкоски, имаше артистичка изведба и  настап на хорот на Центарот за култура „Григор Прличев“ со песната „ 1762 лето“ , а манифестацијата заврши со обраќање на лауреатот Стево Симски.