Градоначалникот Константин Георгиески денеска изврши увид на тековните градежни активности на повеќе локации во општина Охрид, кои се финансирани од општинскиот буџет.

На улица „15-ти Корпус“ во тек е отстранувањето на стариот асфалт и се вршат подготвителни работи за поставување на новиот асфалтен слој на коловозот. Во рамки на проектот за реконструкција на оваа улица, се врши и изградба на четири потпорни ѕидови, а во завршна фаза е поставувањето на тротоарските рабници.

Градоначалникот беше во посета и на градежните активности за реконструкција на улицата „Прва Македонска ударна бригада“. На оваа улица во моментот се работи на уредување и поплочување на тротоарите со бехатон.

Исто така, градоначалникот заедно со тимот на соработници направи увид и на градежните активности за реконструкција на улицата „Абас Емин“ каде што екипите на ЈП „Нискоградба“ вршат изведба на приклучоци за фекална канализација.

Беше направен и теренски увид на активностите од првата фаза за поставувањето на атмосферска канализација на улицата „Дејан Војвода“.

Во рамки на теренската посета, беше направен увид и на работните активности во населбата „Христо Узунов“ каде што денеска започна реконструкцијата на краци од улицата „Даме Груев“.