Градоначалникот Константин Георгиески,  Новата 2020  Година ја дочека на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски “ во Охрид меѓу своите сограѓани и гостите од земјава и странство. Тој им посака добро здравје, среќа и бериќет во Новата Година.

-Драги охриѓани,  драги гости од земјава и странство кои вечерва сте тука со нас на плоштадот во Охрид, Ви посакувам пријатни и незаборавни мигови во ноќва кога ја испраќаме старата и дочекуваме Новата 2020 Година. Секој почеток буди надеж и верба за подобро утро и посветла иднина. Токму така и ние ја испраќаме старата година оставајќи се лошо во неа со надеж дека ќе имаме поздрава, посреќна и побериќетна година во која ќе бидеме и помудри и поуспешни на секој план.

Како одговорна локална власт во претстојната година продолжуваме со реализација на започнатите и отпочнување на нови проекти кои се за доброто на Охрид  и охриѓани. Посветено  и неуморно продолжуваме да го градиме Охрид  како пријатен дом за сите охриѓани  и посакувано место за одмор на туристите и гостите од земјава и странство. Посакувам оваа ноќ да ја минете незаборавно како и да ги проследите содржините кои се дел од  новогодишната програма што општината ја организира до 20-ти јануари. Доброто здравје, ведрата мисла, спокојниот сон  и љубовта од саканите нека бидат само дел од убавите нешта кои ќе ви се слуичат во 2020 Година- рече градоначалникот Георгиески.

За забавата на плоштадот во Охрид се погрижија естрадните уметници, Ефто Пупиноски, Ѓоко Танески и групата „Камелеон“.