Актуелните активности за соодветно уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро во насока на исполнување на препораките од УНЕСКО и зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот регион беа дел од главните теми на кои денеска разговараа градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески и амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар.

Покрај официјалниот состанок кој се одржа во Општина Охрид, амбасадорот Жбогар и градоначалникот Георгиески извршија увид на дел од крајбрежјето на Охридското Езеро, каде што во текот на изминатите две седмици се вршеше отстранување на урбана опрема и бесправни градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и се вршеше соодветно уредување на просторот.

Градоначалникот Георгиески искажа јавна благодарност и почит кон амбасадорот Жбогар за неговата посветеност, заинтересираност и информираност за актуелните состојби во Охрид.

– Особено сум горд што нашите заложби како локална и централна власт во делот на управувањето со крајбрежјето на Охридското Езеро и зачувување на природното и културното наследство на овој регион, денеска добија поддршка, лично од амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија Самуел Жбогар.

Ме радува фактот што нашите стратешки партнери од ЕУ, кон кои се стремиме да се интегрираме како држава, ги препознаваат и ги ценат нашите богатства кои се под закрила на УНЕСКО и се трудат да го помогнат целокупниот процес.

Освен за темата околу имплементацијата на Планот за управување со светскотото природно и културно наследство, во делот на крајбрежјето и соодветно спроведување на постоечките законски прописи, со амбасадорот Жбогар разговаравме и за актуелниот проект за враќање на реката Сатеска во старото корито. Ова е проект кој е многу значаен за Охридското Езеро и истиот се имплементира со помош на средства од ЕУ фондовите. Амбасадарот потенцираше дека ЕУ фондовите се секогаш отворени за поддршка на проекти кои се во насока на заштита на животната средина.

Го разбирам интересот на јавноста и на медиумите во врска со сите актуелни прашања деновиве, но со должна почит, би сакал да упатам еден јавен апел до сите охриѓани, до сите засегнати страни во целокупниот процес, да покажат поголемо разбирање и да дадат поддршка на мерките кои се спроведуваат и кои се во насока на сопирање на самоволието и импровизациите кои се случувале со години наназад.

Даваме максимални напори да ја поправиме целокупната слика, која години наназад му нанесе големи штети на целокупниот имиџ на охридскиот туризам, а најмногу во строго заштитената зона на крајбрежјето на Охридското Езеро. Треба сите да сфатиме дека таков тип на урбанизација на крајбрежјето повеќе нема да има, истакна градоначалникот Георгиески.

Тој уште еднаш ја потенцираше важноста на процесот за сопирање на деградацијата на уникатните аспекти на регионот, во насока на зачувување и заштита на духовното и материјално наследство за идните генерации и обезбедување на подобри услови за развој на туризмот, кои Охрид ги заслужува.

Амбасадорот Жбогар истакна дека Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија го поздравува и го поддржува започнатиот процес за исполнување на препораките на УНЕСКО и сите законски активности кои се преземаат за заштита на светскотото наследство на Охридскиот регион и зачувување на Охридското Езеро, како непроценливо природно богатство.