Градоначалникот Константин Георгиески вчера оствари официјална средба со економските советници на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија организирана во соработка со Агенцијата за промоција и подддршка на туризмот.

Средбата во Охрид е дел од информативната тура низ повеќе градови во нашата држава, со цел да се запознаат можностите и капацитетите за инвестиции, извоз и туристичка понуда.

Градоначалникот и економските советници разговараа за важноста од продлабочување на соработката помеѓу МНР и Општина Охрид. Беше разговарано за можностите и потенцијалите кои ги поседува охридскиот регион за инвестирање во сферата на туризмот како и за погодните услови за странските инвеститори во различни бизнис области.

На состанокот присуствуваше Директорот за економска и јавна дипломатија, амбасадор Игор Попов и економските советници задолжени за Република Турција; за Обединетите Арапски Емирати и земјите од заливот; за Полска и земјите од вишеградската група и за СР Германија и Австрија. На состанокот беа присутни и претставници на Агенцијата за промоција на туризмот, претставници на туристичкиот сектор, странските компании и локални стопанственици кои работат на подрачјето на општината.

Сите информации, предлози и идеи произлезени од оваа средба ќе бидат дел од работната агенда на економските советници во нивната дипломатска мисија за привлекување на странски инвестиции и промоција на Република Северна Македонија како бизнис дестинација.