Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков и јапонскиот амбасадор во земјава, Хиронори Савада денеска во ЈЗУ „Општата Болница“ извршија увид на ренген апаратот што претходно го донираше јапонската амбасада.

Во изјава за медиумите градоначалникот Пецаков се заблагодари за оваа вредна донација.

Денеска со амбасадорот  Хиронори Савада направивме увид на новата опрема која ја донираа  Јапонската амбасада и јапонскиот народ за потребите на Општата Болница.  Станува збор за најсовремен подвижен Ренген апарат   во вредност од  60. 000 евра. Упатувам  огромна благодарност за оваа вредна и многу значајна донација за нас. Оваа донација  е уште еден важен пример за нашето долгогодишно пријателство и меѓусебна соработка. Ја користам оваа можност да се заблагодарам на  јапонската влада и јапонскиот народ за сите досегашни проекти кои ги реализиравме со нивна поддршка, а тоа се:  Проект за реновирање  на санитарните јазли  во ОУ „Христо Узунов“, Проект за набавка на медицинска опрема во Медицински Центар-  Охрид, Проект за набавување кревети и машини за копирање во  детската градинка „Јасна Ристеска“, Проект за подобрување  на медицинската средина преку набавка на пренослива ренген машина за Општа Болница и Проектот за обезбедување возило за чистење отпадни води во канализациониот систем за потребите на Општина Охрид односно ЈП „Нискоградба“.  Искрено се надевам дека и во иднина ќе воспоставиме низа нови партнерства за институционален развој и градење капацитети во повеќе општествени сегменти рече градоначалникот Пецаков.

Амбасадорот Савада  ги посочи  донациите на јапонската влада во Македонија.

-Преку проектите од програмата за мали грантови  ( GGP),  Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема  за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирани возила за управување со отпад и комунални услуги  за 51 општина- истакна амбасадорот Савада – посочувајќи дека помошта е во различни сектори во вкупна вредност од 423 милиони евра.

Директорот на ЈЗУ „Општа Болница“ д-р Асен Шајн се заблагодари за донираниот рентген  апарат на кој во период од јуни до септември годинава имало  50.000 прегледи. Донациите од Јапонија во оваа здравствена установа датираат од 90-те години на минатиот век, а кулминирале во 2016 година кога институцијата добила  амбулантно возило.