Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, денеска одржа работна средба со  претставници од угостителскиот и чаршиски еснаф, ХОТАМ, Занаетчиската комора и Здружението на туристички водичи. Целта на средбата беше  изнаоѓање решение за проблемот со кој туристичко-  услужниот сектор се соочува откако стапи во сила Законот според кој  недела е неработен ден за сите. На средбата беше заклучено дека    градоначалникот ќе застане  и ќе   го поддржи    заедничкиот официјален документ  на  сите даватели на туристички услуги и  ќе лобира до  надлежните владини институции со цел да има измени или отстапувања  од   Законот    според кој недела е неработен ден.   Измените   би се однесувале  за лицата  кои работат во туристичко  – угостителските и продажни дејности  во туристичките центри во државава  кои  во период мај – октомври   би работеле и во недела.  

– Во периодов што следи сите засегнати страни треба да донесат заеднички заклучок кој општина Охрид ќе го поддржи . Со него ќе се обратиме до релевантните  владини  институции и надлежната комисија со цел да се најде решение на проблемот што Охрид го има како туристички центар,а се однесува на неможноста да се работи во недела. Би сакал да излеземе во пресрет како општина . Лично ќе учествувам како посредник во тој процес со цел да имаме не само задоволни туристи туку и вработени  лица  кои се даватели на услуги во туристичката дејност. Факт е дека Охрид е посетуван град не само во туристичката сезона туку и вон неа и тоа во денот недела. Посетителите се домашни но и гости од соседството . Верувам дека со заеднички напори и  засегнатите дејности, ние како општина и Владата на Република Македонија ќе најдеме заедничко решение кое ќе биде задоволувачко за сите– изјави непосредно по средбата охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков.

Претставниците од различните туристичко- услужни дејности ја поздравија иницијативата на градоначалникот за  денешниот  состанок, тие посочија дека со  законското решение недела да биде неработен ден за сите, не трпат само тие како поединечни дејности туку и градот Охрид како туристички центар затоа што посетителите кои со организирани тури доаѓаат во градов  кога во недела ќе се соочат со затворени продажни места заминуваат на ручек или шопинг во соседна Албанија.