На летната сцена „Долни Сарај“ , синоќа свечено беше отворена манифестацијата  „Денови за претставување на Бугарската култура, фолклор и традиција“. На фестивалот на кој присуствуваше и Ангел Ангелов, амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија,  во името на градот домаќин се обрати претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска.

– Организаторите на манифестацијата, Здружението за култура и уметност „Арт Вивенди 2016“ од Охрид и  Фондацијата „Жар-С“ со поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, за третото издание на ова важна манифестација, обезбедија  над 500 учесници на аматерски и професионални фолклорни ансамбли  од Република Бугарија, Република Албанија и Република Северна Македонија. Со тоа на фестивалот му се додава уште една димензија.Преку презентација на фолклорната и културната традиција се отвора нова можност за градење  мостови за соработка меѓу трите земји. Тоа е потврда дека само  така, со взаемна почит, врз културните различности се создаваат пријателства во духот на новото време.

Музичката фолкорна традиција е олицетворена во игрите,ората и песните, испеани многу одамна. Но,  фолклорот не е само архаичен духовен продукт или некаков антиквитет со музејска вредност, туку е пренесуван од колена на колена. Со ваквите фестивали, Вие ја продолжувате таа традиција и им ја предавате на помладите генерации– рече председателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска.

Во рамките на фестивалот беше одржана трибина за заедничките особености на фолклорот кај Балканските народи, во Центарот за култура беше отворена поставка на народни носии, а манифестацијата ќе биде затворена вечерва, на сцената „Долни Сарај“ со ревијален настап на учесниците и доделување признанија.