Во рамки на програмата на Општина Охрид „За  сите деца“ вчеравечер на малиот плоштад „Вангел Наумовски“ се одржа Детски хепенинг со неколку интересни активности.

На свеченото отворање на настанот, во името на Локалната самоуправа, присутните ги поздрави Ана Крстеска, заменик градоначалник.

-Искрено се радувам што имам можност да бидам овде заедно со вас, на овој прекрасен детски хепенинг, кој носи насмевки и весело расположение за сите присутни! Овој настан е еден од низата активности во рамки на специјалната програма „За сите деца“, која Општина Охрид ја подготви за најмладите.

На наше задоволство интересот за оваа програма е многу голем, што е јасен показател дека на Охрид му е потребен забавен концепт преку кој се пренесуваат културни, едукативни, музички и уметнички вредности на најмладите.

Започнувајќи од ова лето, секој петок во Охрид носи едно ново забавно доживување и ново искуство за дечињата и родителите. Верувам дека така ќе биде во иднина и оваа убава иницијатива ќе прерасне во сериозен план, кој ќе се надоградува и унапредува со интересни содржини за децата.

Денешниот хепенинг е една прекрасна можност да видиме како младите уметници го доживуваат светот околу себе и да ги поддржиме во нивниот креативен развој. Тука се и приказните за цртаниот херој Рисот Ристе, кој со неговите авантури и пораки ќе ги инспирира дечињата да бидат свесни и одговорни за се што ги опкружува.

На оваа сцена, сите заедно ќе уживаме и во настапите на 20-на талентирани дечиња кои се дел од четвртото издание на музичко-сценската манифестација „Малите К-2 ѕвездички“. За впечатлив крај на забавниот настан ќе биде задолжен познатиот охридски тапанар Никола Ристовски Тони кој ќе го презентира својот музички проект.

Во мое лично име и во името на Локалната самоуправа сакам да се заблагодарам на сите учесници и сите кои беа вклучени во целокупната организација.

Драги дечиња, ова е ваш ден, вие сте главна улога на оваа денешната манифестација! Насмејте се, играјте, пејте и уживајте во сите активности кои ги подготвивме за вас. Нека музиката, уметноста и пишаниот збор бидат ваши водилки во безгрижно детство! Бидете живи, здрави и гордост за вашите најблиски!, истакна Крстеска во своето обраќање.

На отворениот простор на плоштадот присутните имаа можност да ја погледнат изложбата „Низ детските очи“ од охридската сликарска школа „Пробај уметност”, реализирана од Здружението „Тактус“ од Охрид.

На плоштадот беа поставени и штафелаи на кои децата сликаа на слободна тема.

Гостин на настанот беше Весна Константинова, авторка на книгата „Рисот Ристе“, а најмладите преку боенки имаат можност да се запознаат со ликовите од истоимената едиција.

Во рамки на Детскиот хепенинг се одржа и четвртото издание на музичко-сценската манифестација „Малите К-2 ѕвездички“. Беа изведени 20-на музички композиции напишани и создадени во музичката работилница на познатиот охридски композитор и продуцент Јовица Караилиески.

Забавната програма финишираше со музичкиот проект на познатиот охридски тапанар Никола Ристовски Тони.