Дигитализација и промоција на културното наследство во Охрид е целта на Проектот „Интеррегионално управување со културно наследство, Е-Системи“-„ИРЦ -ХЕРМЕС “ кој oпштина Охрид го имплементира во партнерство со Универзитетот за технологија од Кипар, Истражувачкиот и иновативен центар за информации, комуникација и технологии од Атина, општините Самос и Крф од Грција, „ЕЛЕТ“ од Грција и oпштина Ѓирокастро од Албанија.

Проектот е финансиран од програмата „Интерег Балкан-Медитеран 2014-2020“ на Европската Унија и вклучува иновативен електронски систем за дигитализација на наследството, кој има добиено европска награда за иновативност. Освен во Охрид, културното наследство ќе биде дигитализирано и во уште три балкански градови, кои се под заштита на УНЕСКО, Самос, Крф и Ѓирокастро.

Во рамки на предвидените активности, денес во Охрид беше организиран Инфо-ден за промоција на проектот. На настанот, свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

-Особено ме радува фактот, што имплементацијата на овој проект во Охрид се поклопува со нашите заложби и планови за подобрување на состојбата со заштитата на природното и културното наследство во Охридскиот регион и зачувувањето на статусот на УНЕСКО.  Со низа мерки и активности веќе ја поведовме битката за зачувување на Охрид и преку посветена работа ќе ги вложиме сите напори за спречување на понатамошната деградација и девастација на овој регион и ќе се обидеме да ги поправиме сите штети кои се направени во минатото.

Убеден сум, дека ќе успееме да извојуваме победа во целокупниот овој процес и дека нашиот регион ќе биде еден позитивен пример за исполнување на сите препораки кои ни се дадени од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, во насока на зачувување на статусот на заштитено подрачје.

Охрид е надалеку познат по својата уникатна убавина, Охрид е една жива разгледница, град во кој е вистинска привилегија да се живее. Уште поголема привилегија и уживање претставува можноста, одблиску да се доживеат чудесните охридски убавини, кои предизвикуваат воодушевување кај сите посетители. Како гостопримливи домаќини, Ви посакуваме пријатен престој во Охрид и се надеваме дека овој настан ќе има особено значење во рамки на успешната имплементација на овој проект, истакна Георгиески.

Освен дигитализација на културното наследство, проектот има за цел да придонесе и кон развојот на културниот туризам и едукација на младите и туристите за значењето на културното наследство. Како резултат на проектот, се очекува oпштина Охрид, за прв-пат да добие дигитална мапа на културното наследство, во која ќе бидат опфатени околу 130 објекти кои имаат посебно културно значење за градот. Податоците од овој систем ќе може да се користат во насока на туристичка промоција, но и за други потреби на општината.