Градоначалникот на Охрид, Константин  Георгиески синоќа во дворот на гимназијата „Св. Климент Охридски“ присуствуваше на доделување на дипломите на матурантите  од  оваа образовна институција од  генерацијата  2020 -21 година. Во своето обраќање градоначалникот укажа на значењето на образованието и образовниот процес.

– Емоциите се големи затоа што вечерашново случување ме врати 25  години порано  кога и јас бев на ваше место и ја чекав сопствената диплома. Можеби сега не, но  подоцна  сигурно ќе осознаете дека  оваа диплома што вечерва ви се врачува е главниот билет кој ќе одреди на кое место од „животниот воз“ ќе успеете да седнете. Најдобрите години, безгрижното детство и младешките „лудории“ остануваат зад  вас. Плодовите на знаењето и животните совети   кои ги стекнавте  во досегашното школување искористете ги мудро и одберете ја вистинската насока  од  раскрсницата на која  сега се  наоѓате. Обидете се да бидете сигурни дека не ја пропуштивте шансата да го направите вашиот живот убав .  Изберете и правете го она што вас ве прави среќни. Не е битно дали утре ќе бидете адвокат или  земјоделец,   доктор или занаетчија  битно е да работите со љубов затоа што само тогаш ќе имате успех.  Поставете си цели и трудете се да ги исполните. Ако не можете да трчате,одете ако не ползете, но стигнете  до целта. Само така ќе бидете среќни и задоволни.  Сите посакуваме да имате светли настани и шарени моменти без  горчливи загуби, несреќи и погрешни, сурови дела.  Животот не е само црн или бел, во него има убави и лоши мигови но се ќе пребродувате полесно доколку сте „потковани“ со знаење и доколку не сте тргнале кон лоши животни навики кои ќе ве спуштат на дното. Затоа продолжете го вашето образование, работете вредно и чесно. Станете добри и искрени луѓе без пороци и лоши мисли. Така Светот ќе биде Ваш,  а вие на вистински начин ќе се оддолжите на вашите родители и наставници кои многу вложувале во Вас. Секогаш имајте на ум дека по неколку години мора да се свртите зад себе и да размислите што сте направиле со себе и со својот живот ,затоа  одлучувајте внимателно и мудро што сакате да бидете  и која треба да биде вашата професија. Овој град и општество остануваат на Вас. Останете во  добро здравје, со широка насмевка на лицето  и позитивна мисла – истакна градоначалникот Георгиески.