Со свечена пригода, синоќа, беше отворено 13-тото издане на Охридскиот хорски фестивал. Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот Кирил Пецаков.

– Ценети организатори на Охридскиот хорски фестивал, почитувани учесници  од Македонија,Хрватска,Полска, Турција, Швајцарија, Србија и Бугарија ви посакувам успешни фестивалски денови и пријатен престој во Охрид. Охридскиот Хорски фестивал заедно со фестивалот Охридско Лето и Балканскиот фестивал на народни песни и ора полека но сигурно го зазема приматот на културната мапа на Охрид и Македонија. Неговото значење е огромно не само на културен туку и на научно образовен, туристички и економски план затоа што од година во година расте бројот на посетители и гости кои доаѓаат во Охрид  со желба  да ја  слушнат духовната музика и да бидат дел од ова случување кое се одржува неколку ноќи на  различни локации во градот. Велат дека Охрид е откинатото парче од рајот што ги фасцинира сите што  ја допреле неговата магија.  Сончевите зраци и отсјајот на месечината се капат во водите на Охридското Езеро, а к`лдрмата на охридските сокаци е сведок дека цареви, великодостојници, светители и просветители  минувале тука и оставале неизбришлив печат од своето време.

 Драги организатори и учесници

Посакувам да имате успешно фестивалско издание и да ја  реализирате секоја содржина  што сте ја  предвиделе.  Секако да одвоите време и за себе, да се прошетате низ убавиот Охрид кој е идеален склоп од  традиционалното и  модерно време. Посетете ги културно историските знаменитости, влезете во барем една од 365- те охридски цркви. За миг „заминете“ неколку столетија во минатото со посета на Античкиот театар и бидете дел од царска Македонија кога ќе  стапнете на Самуиловите  крепости. Ноќите минете ги крај нашето убаво езеро слушајќи го неповторливиот шум на брановите  или посетете некое од бројните кафулиња на охридската ривиера. Посакувам да имате незаборавно убави денови во Охрид.  На крај го прогласувам за отворен  Охридскиот хорски фестивал  кој годинава се одржува по 13-ти пат со желба да се одржува и во годините што се пред нас, рече во своето обраќање градоначалникот Пецаков.

Настанот е во организација на Охридскиот хор, а со поддршка на Општина Охрид. Истиот ја збогатува туристичката разгледница на градов и привлекува голем број посетители од земјава и странство пред официјалниот крај на летната туристичка сезона.