Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески образложи за што ќе бидат наменети средствата од Буџетот на Општина Охрид за 2020 година, којшто беше изгласан на денешната 37. седница на Советот на Општина Охрид.

Буџетот за 2020 година на Општина Охрид е исклучително развоен буџет, заклучокот можеме да го донесеме како резултат на големиот процент на учество на капиталните расходи во вкупниот буџет. Вкупните приходи во буџетот се проектирани на износ од 1.231.170.000,00 денари, додека приходите само на основниот буџет се проектирани на 673.068.143,00 денари.

Во буџетот за 2020 година предвидуваме повеќе средства во носечката програма, а тоа е Уредување на градежно земјиште каде што ги зголемуваме средствата за Изградба и реконструкција на улици и патишта, како и за изградба на други објекти. Предвидуваме повеќе средства за експропријација кои што во дел ќе се искористат за експропријација на парцелата каде што е предвидена изградба на катна гаража по моделот на ЈПП.

Во делот на  изградба и реконструкција на улици и изградба на други објекти предвидена е реконструкција на  улиците „1-ва Македонска Ударна Бригада“,  „Охридска Бригада“ и „Марко Цепенков“. Се предвидува реконструкција на улици во населбата „Христо Узунов“, изградба на тротоари и велосипедски патеки на улицата „15 –ти Корпус“, изградба на атмосферска канализација на улицата „7-ми Ноември “. Исто така превидена е изградба на нови паркинг места  во општина Охрид , партерно уредување на плоштад „Крушевска Република“, а шпредвидени се и средства за првата фаза од уредување на речно корито на река „Грашница“ на потег од Булевар „Туристичка“ до улица „Железничка“ и изградба и реконструкција на детски игралишта во општината.

Тука мора да споменеме дека успеавме преку средства одобрени од Владата преку ЕБОР да го финансираме горниот строј од улица „Абас Емин“ којашто беше наша обврска, додека изведбата на нова водоводна, канализациона и атмосферска линија ќе се финансира преку Светска Банка, а носител ќе биде Министерството за транспорт и врски.

Во делот на јавно осветлување предвидуваме 9,5 милиони денари за проширување на постојното јавно осветлување со изградба на нови мрежи и сијалични места. Претходно  беа предвидени многу мал број на сијалични места и истите беа потрошени, а секојдневно пристигнуваат барања за поставување нови сијалични места.

Го продолжуваме трендот на вложување во образованието, за наредната година планираме 16 милиони денари за капитални инвестиции во основните и средните училишта. Предвидени се 3,7 милиони денари за комплетна санација на сите санитарни јазли во основните училишта, планирани се средства за замена на азбестни кровови и за промена на подови и столарија.

Во средните училишта капиталните инвестиции ќе се реализираат со блок дотациите како резултат на остварените заштеди и зголемени средства. Во делот на образованието издвојуваме и 4,5 милиони денари за стипендии за ученици во основно и средно училиште и студенти, по спроведен конкурс.–објасни градоначалникот Георгиески.