ИНТЕРЕСНИ ПАТЕПИСИ ОД ОХРИД РАСКАЖАНИ ВО КНИГАТА „ПРИКАЗНИ ОД НАШАТА МЕЛНИЦА“
- април 8, 2023
- 0
Денеска во Охрид беше промовирана книгата „Приказни од нашата мелница“, дело на авторките Бранка Дувњак и Славица Галиќ од Хрватска. Во ова издание, испреплетено со животните случувања на загребските медицински сестри, се раскажува за убавините на Охрид, како најголем туристички центар во Македонија.
Пред присутните на промоцијата свое обраќање имаше заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
-Понекогаш не ја знаеме вистинската вредност на моментот додека тој не стане наш спомен. Некои спомени се незаборавни, а тие остануваат живи само доколку ги споделиме со другите. Токму тие незаборавни спомените од животот се основна водилка во книгата „Приказни од нашата мелница“ која преку интересни сеќавања за младоста, впечатливи детали за една хумана професија и нераскинливите пријателства, ни нуди возбудливо патеписно доживување.
Во мое лично име и во името на Општина Охрид упатувам срдечни честитки до авторките Бранка Дувњак и Славица Галиќ, за ова дело, кое преку едноставен, читлив и ненаметлив стил, не носи на незаборавно патување низ минатото, ни ги покажува вредностите на една генерација и на неформален начин ги промовира уникатните убавини на нашиот Охрид.
Нивниот ентузијазам и желба по 40 години да ги повторат и да ги оживеат спомените кои ги доживеале токму во нашиот град, нема да ве остават рамнодушни и ќе ве поттикнат да ги разбудите и вашите спомени од училишните денови и да се потсетите на сите ваши пријателства и убави моменти од младоста.
Посакувам оваа книга да биде една од низата изданија кои ќе раскажуваат приказни и сеќавања од Охрид, како најскапоцен бисер, кој поттикнува воодушевување и инспирација за секој гостин и посетител. Се надевам дека во блиска иднина ќе можеме да се радуваме на уште некое ново книжевно дело од авторките Дувњак и Галиќ, кое ќе биде подеднакво интересно како и оваа книга, истакна Божиновски во своето обраќање.
Промоцијата на книгата беше организирана од Црвениот Крст на Македонија и Црвениот Крст од Охрид во соработка со Општина Охрид и Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб, Хрватска.