МОБИЛНИ ТИМОВИ ЌЕ ПРУЖААТ ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ ВО ОХРИД
- ноември 27, 2020
- 0
- Категорија:
Градоначалникот Константин Георгиески присуствуваше на промоција на прекуграничниот проектот „ Cross 4 all” што Општина Охрид го имплементира во соработка со Заводот за превенција на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ , солунскиот универзитет „Аристотел“, Факултетот за информатички и комуникациски технологии „Св. Климент Охридски“ од Битола и Општина Неаполис од Грција.
За значењето на проектот кој е финансиран преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција 2014- 2020 , градоначалникот Константин Георгиески, изјави:
– Во време кога целиот Свет се соочува со здравствената криза од КОВИД 19 која предизвика проблеми во сите општествени сегменти, може да се каже дека промоцијата на проектот ”Cross 4 all” е особено значајна ако се земе во предвид дека најсуштински дел од проектот е Пилот Програмата за воведување на Мултидисциплинарни тимови на здравствени експерти, обучени соодветно и опремени со иновативни мобилни комплети. Тие тимови ќе испорачаат многубројни здравствени услуги од областа на превенција, дијагностика, претходна оценка, упатства, услуги на рецепт и слично во домовите на лица со попреченост или намалена мобилност, а посебен акцент ќе биде ставен на домашните посети,медицински и психолошки прегледи на пациенти позитивни на Ковид-19. Овие мобилни тимови во голема мера би ја олесниле работата на здравствените институции и медицинскиот персонал во услови кога тие се преоптоварени со работа, а нивните капацитети максимално исполнети. Овие тимови периодов ќе бидат нивна дополнителна помош. Мобилните тимови започнуваат со работа на терен во вторник. Станува збор за четири тимови, по два формирани од општина Охрид и два од Заводот за превенција на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“. Во секој тим има доктор, медицинска сестра, психолог и социјален работник .За мобилните тимови за кои набавивме комплетна опрема за лекарски прегледи на располагање ќе биде и возилото кое општината го набави преку овој проект. Општина Охрид, наредниов период ќе продолжи да поддржува и други вакви проекти во кои се вмрежуваат релевантни здравствени институции во насока на олеснување на функционирањето на преоптоварениот здравствен систем со цел полесно и побрзо да се надмине кризата предизвикана од КОВИД 19 – рече Георгиески.
Покрај градоначалникот Георгиески на настанот присуствуваа претставници од Заводот за превенција на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ од Охрид ,Црвен Крст и претставници од ТЛЕР при Општина Охрид.
Времетраењето на имплементација на проектот „Cross 4 all “е 24 месеци.
Вкупен буџет на проектот е 1.130.290,00 Евра а, за Општина Охрид буџетот изнесува 142.810,00 Евра.