Со богата културно уметничка програма, во присуство на претставници на општините Охрид, Струга и Поградец од соседна Албанија, денеска свечено беше одбележан 21-ви Јуни-Денот на Охридското Езеро. Оваа  манифестација е востановена со потпишување на меморандумот за разбирање меѓу општините Охрид, Струга и Поградец од соседна Албанија во февруари 2000 година.

– Со одбележувањето на Денот на Охридското Езеро, денес како и годините наназад упатуваме порака дека заеднички ќе ги интензивираме активностите за негова заштита, како светско природно богатство.Во езерото, за кое научниците тврдат дека е старо околу 3 милиони години, има ендемични видови на растителен и животински свет, богатство кое не е само наше туку е планетарна природна ризница.Токму затоа, сериозно треба да ги прифатиме и да ги реализираме забелешките на меѓународните  организации,особено на УНЕСКО и да почнеме со примена на нови практики кои ќе овозможат заштита и одржлив развој- рече во обраќањето градоначалникот Константин Георгиески.

Градоначалникот на општина Поградец од соседна Албанија Едуард Капри истакна дека заедничкото одбележување на Денот на Охридското Езеро е и заедничка обврска за негова интегрална и трансгранична заштита.

– Зашитата на Охридското Езеро има особено значење за одржлив развој на целиот регион, кој ќе ни овозможи да креираме нови стратегии особено во областа на туризмот- рече во обраќањето претседателот на Советот на општина Струга Албриум Положани.

Во културно- уметничката програма учествуваа дечиња од детската градинка „Јасна Ристеска“ , ученици од ОУ „Братство-Единство“ , музичката група „Везилка“ и КУД „Ѓердан“ .