
ОДБЕЛЕЖАН ЈУБИЛЕЈОТ 80 ГОДИНИ ЦРВЕН КРСТ ОХРИД
- март 10, 2025
- 0
- Категорија:
На пригодна свеченост која се одржа денеска во Големата сала на Општина Охрид беше одбележан јубилејот 80-години делување на Црвен Крст, Охрид.
Пред присутните гости, хуманисти, крводарители, активисти и млади волонтери свое обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков.
– Секое добро дело што ќе го направиме, прави разлика во нечиј живот. Нема поголема радост од тоа да помогнеш без да очекуваш нешто за возврат.
Почитувани присутни, драги гости, ценети хуманисти. Голема е честа и гордоста што како градоначалник на Охрид имам можност да бидам дел од свечениот настан со кој се одбележуваат осум децении од солидарноста и првите организирани активности за помош на најранливите во нашиот град.
Црвен крст Охрид не е само организација – тој е пулсот на човекољубието, светлина во мракот и силна надеж за тие што ја изгубиле. Овој значаен јубилеј е доказ дека хуманоста е темел што не обединува. Бројни се волонтерите и активистите, кои низ годините го оставиле своето срце во секој гест на добрина. Со длабока почит се поклонуваме пред сите што ја испишаа оваа приказна. Пред оние кои беа тука пред нас, пред оние кои денес ја продолжуваат мисијата и пред сите што во иднина ќе го носат овој аманет.
Денес, кога охридскиот Црвен Крст одбележува 80 години од своето постоење, Општина Охрид изразува искрена благодарност за долгогодишната плодна соработка. Нашето партнерство е сведоштво за заедничката заложба, да обезбедниме помош онаму каде што е најпотребна.
Преку бројни акции, проекти и поддршка на ранливите категории, заедно создадовме мост на надеж и човечност. Општина Охрид и во иднина ќе ја продолжи оваа соработка, уверени дека заедно можеме да направиме уште повеќе за доброто на нашите сограѓани.
Ви благодариме за вашата несебична работа и ви посакуваме уште многу успешни години во исполнување на вашата возвишена задача. Нека оваа јубилејна година биде поттик за уште повеќе добри дела, за уште посилна хуманост!
Почитувани, ова мое обраќање до вас ќе го завршам со зборовите на нашата најголема хуманистка Мајка Тереза „Секој од нас чувствува дека она што го прави е само една капка во океанот. Но ако не правиме ништо, океанот ќе биде посиромашен за таа една капка.“ Нека оваа мисла биде наша водилка, која ќе ни го покаже патот кон позитивните промени кои сакаме да ги видиме во Светот и во нашиот Охрид, истакна Пецаков во своето обраќање.
Во знак на благодарност за досегашната успешна соработка со Општина Охрид, од страна на Црвениот Крст, на градоначалникот, Кирил Пецаков му беше доделено јубилејно признание.
Свечениот настан беше отворен со видео презентација за историјата на функционирањето на Црвениот Крст во Република Македонија, а беа прикажани и видео материјали во кои беа претставени активностите и успешните проекти на оваа хуманитарна организација на државно ниво и на ниво на Општина Охрид. На настанот свое обраќање имаше претседателот на ОО Црвен Крст, Охрид, Сашо Точков и претседателот на Црвениот Крст на Република Македонија, Ромел Велев.
Во рамки на настанот беше отворена и кратка дискусија со присутните, во чии рамки дел од волонтерите и активистите на организацијата го споделија своето искуство од работењето на бројните програми кои се имплементираат од страна на Охридскиот Црвен Крст.