Општина Охрид ќе го поддржи проектот „Младите-креатори на нашата иднина“ кој ќе го реализира Здружението на децата бегалци и нивните потомци од Егејскиот дел на Македонија „Т’га за југ“ од Скопје.

За таа цел градоначалникот Константин Георгиески денеска потпиша меморандум за соработка со претседателката на здружението Евгенија Николовска.

Проектот има за цел да ги мотивира младите ученици, опфаќа развој и напредок на културата, зголемување на креативноста и интересот кон музиката, актерството, сликањето и творењето. Таргет на оваа програма се децата од основните училишта од петто до деветто одделение во осум градови од Република Северна Македонија.

Во рамки на првиот дел од проектот, кој ќе се спроведува во периодот од март до јуни 2021 година, ќе бидат организирани онлајн обуки за учениците, кои ќе бидат предводени од истакнати ментори во различни области. Како дел од вториот дел од проектот кој ќе се спроведува во периодот од јуни до јули 2021 година ќе биде организиран неколку-дневен настан во Извидничкиот центар во Охрид, кој опфаќа повеќе натпревари во различни категории.