Општина Охрид во рамки на програмите за претстојната година за прв пат предвидува доделување на стипендии за ученици, студенти, магистранти и докторанти со ретки болести и посебни потреби, кои учат и студираат во државни и приватни училишта односно универзитети.

Оваа мерка денеска по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби ја презентираше градоначалникот Кирил Пецаков, кој истакна дека овие лица заслужуваат подадена рака и силна поддршка и дека само преку заедничка соработка може да остварат долгорочни цели и да се постигнат посакувани позитивни промени.

Иницијатор на оваа мерка е здружението ,,Ретко е да си редок’’ кое работи на проекти и програми за поддршка и инклузија на лицата со ретки болести. Претседателката на здружението Гордана Лолеска искажа голема благорност до градоначалникот Пецаков за соработката и за покажаниот интерес. Таа истакна дека стипендиите значително ќе им помогнат на децата и младите од оваа категорија и ќе им овозможат остварување на поголеми образовни успеси.