Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески синоќа во дворот  на гимназијата „Св. Климент Охридски“ присуствуваше на прославата  организирана за матурантите од генерацијата 2020,  која минатата година не славеше организирано поради пандемијата од КОВИД 19  и  генерацијата 2021.

На почетокот од настанот градоначалникот Георгиески ги поздрави присутните,  а на матурантите им посака понатамошен успех на секое поле во животот.

 

– После напорното учење во изминатиов четиригодишен период и надминување на сите препреки со кои сте се соочувале,  завршивте една етапа од својот живот носејќи со себе убави спомени. Веќе сте подготвени за многу поголеми животни предизвици кои ве очекуваат. Јас сум сигурен дека во вас се поставени цврсти темели на знаењето со кои сигурно ќе зачекорите во наредните етапи  од животното  патување. Вечерва ми е чест да го изразам мојот понос за вашите бројни достигнувања  во различни области. Ви се восхитувам на ентузијазмот што го покажавте кон учењето   и што сте позитивен пример за  идните генерации ученици. После сите маки по математика, хемија или странски јазик, по сите маки за лектирите  сигурен сум  дека сте сфатиле оти  учењето ни малку не е опасно по живот, туку напротив битен билет со кој обезбедувате најдобро место на животниот воз. Можеби еден ден Вашето средношколско образование ќе ви изгледа како краток излет  после кој следи богата перспектива. Сигурен сум дека ќе докажете оти „мали мачки не се фрлаат во  вода“, односно знам дека ќе покажете како во охридските средношколски центри нема добри резултати и успех без труд, упорност и работа.   Одважно и снажно,   паметно и промислено,  зрело и одговорно   продолжете во животот што е пред Вас.  Останете свои на своето, покажете дека овде сте го научиле и она што не го пишува во книгите. Бидете големи под ѕвездите, останете чесни и свои! Јас сум сигурен дека со знаењето и вештините кои изминативе четири години се вградуваа во вас ќе успеете да ги надминете сите препреки и ситуации кои ве очекуваат. Посакувам секогаш да  бидете добри и да не дозволувате никој да го наруши вашиот личен интегритет кој нежно го негувавте сите овие години. Бидете љубезни и великодушни   кон луѓето кои се наоѓаат на вашиот пат. Сонувајте големи сонови и бидете оптимисти  со што и да се занимавате во животот.  Не е битно дали ќе бидете занаетчија или адвокат , доктор или рудар битно е она за што ќе се определите да го правите и работите со љубов. Само тогаш успехот е неизбежен.Задржете го оптимизмот, смислата за хумор и младешкиот дух  и тогаш кога се соочувате со животни проблеми. – рече градоначалникот Георгиески.

На забавата со која официјално се одбележа завршувањето на средното образование свој настап имаа Dj Face & Dj Gec..