Со пригодна свеченост, денеска во Охрид беше пуштен во употреба Центарот за спасување на планина, во рамки на проектот „Регионот Охридско Езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам”, финансиран со средства на Европската Унија во рамки на Програмата ИПА2 за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.

На настанот присуствуваа амбасадорите на ЕУ во двете соседни земји, Самуел Жбогар и Луиџи Сорека, Министерот за Локална самоуправа Горан Милевски и Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.

– Основен предуслов за развој на авантуристички туризам претставува безбедноста и менаџирањето со ризици, во рамки на еден комплетен туристички производ. Со целокупната расположлива опрема, капацитет и стручен кадар, Центарот за спасување на планина ќе придонесе за подобрување на ефикасноста на Службата за спасување на планина и значително ќе го подигне нивото на безбедност на планинарите. Со вакви услови, нашиот регион и нашите преубави планински предели, стануваат безбедна дестинација за развој на алтернативни форми на туризам и промоција на планинарските спортови.

Верувам во способностите и искуството на луѓето кои се вклучени во имплементацијата на овој проект и затоа сум убеден дека истиот ќе има успешеност и одржливост. Ние како локална самоуправа ги препознаваме ваквите заложби и ќе ги вложиме сите напори за поддршка и промоција на ваквите активности, кои се од големо значење за Охрид како најголем туристички центар, како за целиот Југозападен регион,  истакна Георгиески.

Тој искажа благодаррност до Делегациите на Европската Унија во Република Северна Македонија и во Република Албанија кои ја препознале прекуграничната димензија на овој проект и потребата за поголемо и посоодветно планско и стратешко подобрување на условите за развој на нови форми на туризам, во овој регион.

-Се надевам дека заедно со останатите општини од Југозападниот регион и партнери од соседна Албанија и во иднина ќе работиме на проекти, преку кои ќе се креираат мерки за унапредување на квалитетот и содржината на туристичкиот производ, но и во делот на подобрување на инфраструктурата, која исто така е многу важен сегмент за развој на туризмот, потенцираше Георгиески.

Во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и Кампањата на ЕУ „Креираме иднина заедно“, денес во Охрид се одржа и  Конференција за развој на туризмот во прекуграничнот регион, во чии рамки беа одржани неколку панел дискусии, на важни туристички теми. Исто така на Охридскиот плоштад беше одржана и саемска презентација на 9 проекти кои се имплемнтираат со средства од оваа програма.