Ohrid.gov.mk

ОХРИД ПОДГОТВЕН ЗА 39-ОТ ОХРИДСКИ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН

ГРАДОНАЧАЛНИК, ЈАВНИ ДЕЈНОСТИ

ОХРИД ПОДГОТВЕН ЗА 39-ОТ ОХРИДСКИ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН

Охрид утре е  домаќин на најстарата и најмасовна пливачка манифестација во државава,  Охридскиот пливачки маратон што ќе се одржи по 39-ти пат.  Патеката „Климе Савин“ долга 25 км ќе ја препливаат 16 пливачи, 11 во машка и 5  во женска конкуренција.

Стартот е закажан за 11 часот кај Св. Наум, а целта е на градското пристаниште.

На денешната средба со новинарите, градоначалникот Кирил Пецаков зборуваше за значењето на ова случување за Охрид.

– Охридскиот  пливачки маратон не е само трка во светскиот календар на пливање на отворени води туку е вековна традиција, наша гордост и неизбришлив дел од охридскиот идентитет. Пливачката патека „Климе Савин“ именувана  во чест на доајенот  и легендата на македонското пливање, е место кадешто се среќаваат суровата издржливост на маратонците и вековната магија на нашето езеро. Секој запливан метар од Свети Наум до Охридското пристаниште е приказна за силата на човечкиот дух, но и за љубовта кон водата и езерото кое на сите нас не поврзува. За Охрид,  овој маратон има непроценливо значење. Тој го става нашиот град на светската мапа како центар на спортскиот дух, ја пренесува нашата култура и гостопримство ширум светот и ја инспирира секоја нова генерација млади охриѓани да спортуваат и да ги надминуваат сопствените граници.Маратонот е круна на нашата летна сезона и силен симбол на нашата отвореност кон Светот.На сите пливачи кои утре ќе  се соочат  со  маратонскиот предизвик, а се 16 на број  им посакувам мирно езеро, добра енергија и фер трка. За мене лично и верувам за многумина,  секој што ќе го исплива овој вистински спортски подвиг  е веќе победник.Посакувам утрешниот ден за сите нас да помине во знакот на гордоста и заедништвото.Да ни е успешен и незаборавен 39-от Охридски пливачки маратон. Како Локална власт во рамки на ингеренциите и можностите како до сега така и од сега продолжуваме  да го подржуваме нашето најголемо спорско случување на вода во државава. Да ни е вечна  традицијата! – рече Пецаков и посочи дека наредното јубилејно 40-то издание ќе биде организирано на многу повисоко ниво.

На годинешното издание во машка конкуренција ќе настапат тројца македонски пливачи – Александар Илиевски, Петар Цеков и Леонид Мишевски. На стартот ќе бидат и Матеа Видовиќ од Србија, Умит Кемал Џенгиз од Турција, Филип Лакас од Канада, италијанците Алесио Окипинти и Николо Ричарди, Шпанците Енеко Саезмиера и Даниел Понсе Хименез и Кристијано Карамело Сантос од Португалија.

Во женска конкуренција Македонија ќе ја претставува Росана Гошева, а ќе настапат и Елена Лионело од Италија, Милица Љубисављевиќ од Србија и Аргентинките Рита Ванеса Гарсија и Мајте Ајлен Пука.

Покровител на Охридскиот пливачки маратон е Претседателот на Република Македонија, а финансиски е поддржан од Општина Охрид.

Наградниот фонд на годинашниот, 39. Охридски пливачки маратон изнесува 15.000 долари.

Tags :

Споделете: