Добитник на највисокото општинско признание, наградата „Патрон на градот- Св. Климент Охридски“ за 2020 година е академик Вера Битракова- Грозданова, неуморен истражувач, универзитетски професор и еминентен научник од областа на археологијата и историјата на уметноста.

Академик Вера Битракова- Грозданова е родена на 19 јули 1939 година во Охрид. Во родниот град го завршува основното и гимназиското образование, дипломира, магистрира и докторира на Филозофскиот факултет во Загреб на тема „Ранохристијанските споменици во Охридскиот регион“. Од 1975 година до пензионирањето е професор на Филозофскиот факултет на Институтот за историја на уметноста и археологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а за редовен член на МАНУ е избрана во 2009 година.

Во текот на работниот век учествувала во многу археолошки истражувања, особено во Охрид, има објавено околу 150 научни и стручни трудови и учествувала на бројни студиски престои во  Франција, Германија, Грција, Бугарија, Албанија и други земји, а била учесник на бројни меѓународни научни собири. Академик Вера Битракова- Грозданова е носител на повеќе научни и општествени признанија меѓу кои се наградата „Гоце Делчев“, престижната европска награда Herder-Preise и наградата „Климент Охридски“ .

Добитници на повелбaта „Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ се:

-ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид- како главен носител  на борбата со пандемијата на Ковид 19, посветеноста, стручноста и пожртвуваноста на сите вработени во оваа здраствена установа.

-Д-р Мимоза Влаши Хиса- специјалист по гинекологија и акушерство, раководител  на Одделот  за гинекологија, акушерство и неонатолошка опсервација во ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид- заради нејзиниот ентузијазам, издржливост, посветеност кон пациентите  и соработка со колегите.

-Проф. д-р Рубин Земон, социо – културален антрополог- долгогодишен активист во невладиниот сектор  за промоција на мултикултурализмот и толеранција, на богатото културно наследство на Охрид, заштитата на културното и природно наследство, еминентен научник во општествените науки и универзитетски професор.