Во основните и средните училишта на територијата на општина Охрид, денес, започна новата учебна година. Успешен почеток на сите ученици им посака градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, кој денес го осети ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец.

– Навистина секој почеток на учебната година буди чувства, емоции, особено кај првачињата и нивните родители. Се надевам дека овој ден е возбудлив за сите првачиња кои за првпат ќе седнат во училишните клупи и ќе навлезат во светот на образованието, науката и забавата. Велат: „Времето брзо одминува, а убавите спомени остануваат“. Ве уверувам дека е така, бидејќи јас сеуште ги паметам убавите периоди од моето основно образование. Советите од наставниците, кои и од денешна гледна точка биле секогаш исправни. Затоа Ви порачувам драги ученици, максимално да ги уживате овие денови, бидејќи тие нема да се вратат. Од ова место би сакал да испратам порака и до родителите, да бидат стрпливи и истрајни, да се присетат на нивните денови кога биле деца, да се трудат децата да научат да ги користат своите “крила“ , а не да им ги сечат, зошто така и само така децата ќе бидат двигатели на овој свет со нивните прогресивни идеи. – истакна градоначалникот Георгиески.

Во сите образовни институции е извршено реновирање и реконструкција и се подготвени за претстојната учебна година.

– Нашата цел, како возрасни, но и како одговорна Локална самоуправа, мораме да овозможиме добри услови за работа во образовните институции, како образовниот процес би се одвивал без проблем. Тука мора да нагласам, дека за пофалба е менаџментот на ОУ „Ванчо Николески“ – Лескоец, кој што со помош на општина Охрид, успеа да обезбеди средства од програмата на УСАИД во висина од 1.200.000 денари, за обнова на санитарните јазли, ѕидовите, ходниците и холот на училиштето. Би апелирал и менаџментите од другите образовни институции да го следат овој чекор и заеднички да работиме на подобрувањето на условите. Во изминатиов период, речиси и да нема училиште во кое не се изврши работен зафат. Во некои од нив се вршеше реконструкција, замена на дограмата како и изградба на објекти. Во нашиот фокус и понатака ќе остане подобрувањето на условите во образовните институции, бидејќи квалитетното образование значи и квалитетна иднина. – додаде Георгиески.

Во основните училишта наставата ќе ја следат 4610 ученици од кои 483 првачиња, додека во средните 1942 ученици.