Согласно со препораките кои беа нотирани од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО (Сесија  41 COM 7B.34 ), по налог на градоначалникот Константин Георгиески,  Локалната самоуправа изработи посебен Регистар на нелегални градби за подрачјето на Општина Охрид.

Во оваа електронска база на податоци внесени се вкупно 1076 предмети за кои, во периодот од 2006-та година до мај 2019-та година, инспекциските служби имаат констатирано прекршувања на Законот за градење и имаат донесено некаков акт со кој се утврдува нелегална градба. Од нив, вкупно 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во Стариот дел на градот. Во рамки на оваа вкупна бројка 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти.

Во текот на наредниот период општинските надлежни служби ќе извршат проверка и финално уредување на целокупниот регистар, по што ќе се пристапи кон поединечна ревизија за секој посебен предмет и ќе се носат одлуки за понатамошно постапување.

Со изготвување на Регистарот на нелагални градби, Општина Охрид во рекордно време исполни дел од своите обврски, кои се произлезени од Владината работна група, која постапува по препораките на УНЕСКО. Работната група го задолжи Министерството за транспорт и врски во соработка со Националниот парк Галичица и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи регистар на нелегални градби во Охридскиот  регион и истиот да го достави до Владата најдоцна до 1-ви септември оваа година.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески е дел од официјалната Владина делегација која ќе присуствува на 43. сесија на Комитетот за културно наследство, што ќе се одржи наредната седмица во Баку, Азејберџан. На овој состанок се очекува да биде донесена одлука и да биде дадена препорака за идниот статус на светското природно и културно наследство на Охрид, врз основа на забелешките од мониторинг-мисијата на УНЕСКО, која беше направена во април 2017 година.

Без оглед на конечната одлука, која ќе биде донесена на сесијата во Баку, Општина Охрид ќе продолжи да постапува  во согласност со сите препораки на УНЕСКО и сите Законски процедури за третирање на бесправно изградени објекти.