Охрид е домаќин на првата официјална средба на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА), на која учество ќе земат претставници на регионите од Белград, Софија, Ниш, Бјелина и Охрид.

На овој регионален собир, кој започна вчеравечер, свое обраќање имаше Претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска.

-Како локална самоуправа, запознаени сме и ги поддржуваме активностите на Интернационалната полициска асоцијација, регион Охрид, за реализација на проекти, програми и работилници поврзани со улогата на полицијата во развојот на демократизацијата на општеството, со предизвиците на полицијата во врска со почитувањето на основните слободи и права на човекот, за односот на полицијата со јавноста на ниво на локалната заедница, за унапредување на полициската служба и развивање на довербата кај граѓаните како и за активности од спортски, едукативен и хуманитарен карактер.

Од Претседателот на ИПА Охрид, Стефан Димоски запознаени сме за планираните активности околу ИПА Медитеранската конференција и Светскиот ИПА конгрес што во 2021 и 2022 година, освен во Скопје ќе се одржат и во Охрид. За нас претставува чест, Охрид да биде центар на претстојните ИПА настани како и на денешното потпишување на Повелбата за збратимување на ИПА Охрид со ИПА Белград и ИПА Софија.

Исклучително ја цениме Вашата полициска работа и Интернационалната полициска асоцијација и во таа насока Ви го честитам потпишувањето на Повелбата за збратимување, истакна Ангелоска.

Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) е најголемо меѓународно гранковно здружение на полициски службеници од светот, регистрирана при Советот на Европа и ООН во кое членуваат над 300.000 полициски службеници од над 60 држави.