Денес во големата сала на Општина Охрид, се одржа презентација на вториот повик за социјални услуги за југозпадниот регион. Пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.

– Одржливи и квалитетни социјални услуги во локалните заедници според потребите на граѓаните  може да се реализираат со размена на искуства и практики меѓу општините, како даватели на социјални услуги,  но неопходна е и соработка  помеѓу централната и локалната  власт , но и граѓанскиот  сектор  во унапредување  на квалитетот на животот на граѓаните

Развојот на локалните социјални услуги е модел кој ги обединува сите чинители на локално ниво да се вклучат во градењето на заедницата. Затоа, локалните самоуправи како први меѓу еднаквите на подрачјето на кое делуваат заедно со своите партнери од граѓанските организации се исправени пред обврската да обезбедат социјални услуги за своите граѓани.

Социјалните услуги  играат клучна улога  во јакнење на отпорноста кај поединците, семејствата и заедниците , како и при поддршка  на човековиот и економскиот развој во земјата. Секој поединец или семејство заслужуваат шанса  за подобри услови за живот во заедницата. Затоа како Локална власт постојано работиме на унапредување на социјалните услуги и активности. Отворена е сензорна градина во ООУ „Григор Прличев“. Го поддржуваме  првиот регионален  саем на социјални претпријатија од југозападниот регион.  Општина Охрид додели стипендии на редовни ученици, студенти, магистранти и докторанти на лица со ретки болести и посебни потреби. Објавивме повик  за финансиска поддршка  за центар кој згрижува и третира деца со атипичен развој. Поддршката е наменета за деца  кои потекнуваат од социјално загрозени семејства. Објавен и спроведен е јавен повик  за прибирање проектни идеи  на здруженија на граѓани од областа на социјалната заштита. Тековен е проектот што општината го работи заедно со УНДП преку кој се ангажирани 9 образовни асистенти во рамки на средните училишта. И понатака ќе работиме на унапредување на социјалната политика на општина Охрид, за чија успешност е неопходна соработка со централната власт и граѓанскиот сектор – истакна во своето обраќање Пецаков.

На презентацијата беше претставен Проектот за подобрување на социјалните услуги (ППСУ) како еден од инструментите на поддршка во успешното реализирање на сеопфатна социјална реформа, која има за цел зајакнување на човечкиот капитал, намалување на сиромаштијата и подгнување на квалитетот на животот во земјата.

Носител на проектот е Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Светска банка.