Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески присуствуваше на промоција на монографијата „Фестивалска приказна“ што вечерва се одржа во предворејто на црквата  Света Софија, а по повод  60 години од основањето на фестивалот „Охридско Лето“.

Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Георгиески рече:

– Голема е честа и заедничко е задоволството да се присуствува на промоција на  публикацијата „Фестивалска приказна“ која е создадена по повод одбележување на јубилејот 60 години „Охридско Лето“.  Упатувам честитки до авторите на делото Снежана Анастасова – Чадиковска и Роза Нолчева – Ангеловска за вложениот труд на лист хартија да ја сублимираат успешната приказна на најпознатата музичко сценска манифестација кај нас и на Балканот. Одговорноста да се креираат вакви дела  е огромна затоа што „Охридско Лето“ е нашиот најпрепознатлив бренд кој не прави неизмерно горди и среќни, затоа што со него Охрид станува дом на уважување, разбирање и размена на културните разлики.

Врвни светски имиња од областа на музиката и театарската уметност во изминативе шест децении  биле дел од фестивалот  со што тој полека станува место за поставување и развој на интеркултурниот дијалог со почитување на различностите.  Со тоа градот се промовира во Светот не само како културен центар  туку како и атрактивна туристичка дестинација. Токму затоа  Охрид и граѓаните го поставија „Охридско Лето“  високо на врвот на приоритетите  во делот и на  културата и на туризмот.

            Велат дека извонредноста никогаш не е случајност. Секогаш е резултат на силна намера, искрен напор и паметна изведба. Таа претставува мудар избор помеѓу многу алтернативи. Во таа смисла упатувам честитки и до организаторите на  годинешното фестивалско издание кои во услови на  Светската пандемија од КОВИД 19  строго придржувајќи се на здравствените мерки и протоколи  успешно ја реализираат секоја фестивалска ноќ со тоа  надградувајќи ја успешноста на фестивалот . Во ова време на светска здравствена криза се истакнува значењето на секој уметнички настан како цивилизациска  придобивка  да биде најголем архитект на соживотот и заедничката  соработка помеѓу народите и државите, а уметниците се тие кои се медијатори на  мирот и разбирањето меѓу нив. Од тие причини низ годинешната програма која ја подготвија драмскиот и музички селектор  заедно со менаџментот на фестивалот и со Министерството за култура уверен сум дека овие цивилизациски пораки ќе бидат раширени  од  Охрид насекаде низ Светот.

Една птица не ја прави пролетта, како ни еден убав ден. Така и успешноста на фестивалот не е резултат на само едно фестивалско издание туку на сите претходни и наредни изданија кои се случуваат во континуитет. – истакна градоначалникот Георгиески.

Пред присутните се обратија и авторите на монографиjата Снежана Анастасова- Чадиковска и Роза Нолчева- Ангеловска.  Двојазичната публикација на македонски и англиски јазик е разбирлива и прифатлива за пошироката публика со теми за почетоците, развојот и културолошкото значење на фестивалот . Таа е богато илустрирана со фото документи од бројни настапи на врвни уметници , а  збогатена со содржини кои ја подвлекуваат  неминовната поврзаност  на „Охридско Лето“ со градот Охрид.

Првата монографија за фестивалот „Охридско Лето“ беше објавена во далечната 1980 година по повод 20- годишнината од неговото основање. Вакви публикации фестивалот објавува на секои десет години.