Со свечена академија во чест на Свети Климент Охридски –заштитникот на Охрид, вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа централниот настан за овогодишната програма за одбележување на патронот на градот.
Пред бројните гости говор одржа градоначалникот Кирил Пецаков.
– Во предвечерието на големиот празник, повторно стоиме пред портите на неговиот манастир, ги допираме стоелетијата, ја слушаме светата тишина и го чувствуваме безвременскиот благослов. А тој, пресветол….облеан со зраците на сончевиот ореол, со милостив поглед не дарува со мир и спокој, додека ги испишува словата, кои од брегот на Охридското Езеро, со силна духовна енергија пловат во недогледот на вечноста.
И додека будни сониме за нова надеж, со најголема љубов и вера, избираме благородни зборови за да оддадеме достојно поклонение на неговото дело, како најцврст столб во темелите на нашата Македонска душа.
Како најскапоцен подарок од Бога, доделена ни е честа да го величиме и славиме нашиот молитвеник, духовник, просветител, нашиот најголем учител, Свети Климент Охридски, патронот и чуварот на овој светол град, кој гордо опстојува низ милениумската историја.
Почитувани присутни, драги гости, ценети делегации, мои охриѓани, дами и господа…Дозволете ми да ве поздравам и да ви посакам срдечно добредојде на оваа прекрасна декемвриска свеченост, со која заедно ќе обзнаниме уште една приказна за Охрид, проткајана со животот и успесите на нашите најзначајни охриѓани, кои се вредни за Светиклиментовата привилегија и ја продожуваат светата традиција.
Упатувам искрена благодарност и до сите наши пријатели кои ни испратија искрени празнични честитки, со низа желби и убави зборови што многу ни значат.
….„Оче Клименте, славен како река духовна, што излегува тајно од рајот и протечува на четири страни, со своите зборови на сите краишта на земјата, ти сите ги упатуваш на вера со твоето златно учење…Сјае Охридската црква како крин огреана од твоите молитви….Пружи ги своите пречесни раце за милост, просвети не, заштитувајќи не од сите зла, укрепувајќи, простувајќи…“… со овие зборови на неговиот анонимен ученик, како најубав стих и најмилозвучна песна, му се обраќаме и ние денес, зошто знаеме дека будно бдее над нашите дни и ни испраќа помош, кога ни е најпотребна.
Светиклиментовите идеи во Охрид стануваат запис во срцата на богољупците, а силата на охриѓани и на Македонците е во заслугот на светата мисла и во почитта на неговите пораки за човекољубие и хуманост. Со својата мисија, Свети Климент ги отвори вратите на новата црква и од нејзиното предворје во ластовички лет го пушти словото на писменоста, да оди и да се враќа, да полетува и да ги прелетува сите словенски пространства.
Oдејќи по стапките на своите духовни отци, тој го расеа семето по плодната почва на Македонија, во книжна недоглед и во совршен ред. Со наднебесна смисла на пораките божји, ги даруваше словенските народи со духовна светлина издигнувајќи ги на културната и цивилизациска сцена.
Свети Климент е паметник на македонскиот дух, неговото дело е вечен израз на македонската гордост, а неговата визија за знаењето стана најважниот дел од нашата национална свест.
И по толку години, децении и векови нанижани како ѓердан од бисери, исполнети со храброста на Македонскиот народ, застануваме повторно на изворот на словото и светлината, што блика од највредното наследство што ни го остави нашиот Климент. Неговото дело е толку големо што добива димензии на бесконечност… на нешто кое своето име гo втиснало во вечноста и ги врежало длабоко во светската меморија. Неговите дарови постојано го осветлуваат нашиот пат и ни даваат крилја да достигнеме до изобилство на знаење и духовна благосостојба.
..„Свети Климент како да не беше од земјава, како да беше пратен од небо да го прогласи словото Божјо…тој е несразмерно богомудар и плодовит чудотворец… светозрачно сонце на словените, кој на небо е рамен со дванаесетте свети апостоли….“ ќе напише нашиот најголем преродбеник Григор Прличев, кој покрај сета посвета на светецот, ќе даде заклучок дека „Воопшто не можеме да најдеме зборови и мисли со кои ќе го пофалиме Климента како што треба“… па затоа, ЈАС, што и да кажам во оваа моја беседа ќе биде премалку и ќе делува прескромно за да се опише таа величествена големина и светост….
Ценети пријатели, во мое и ваше име, со искрена молитва и едноствна реч,
Посакувам вечно да живеее Светиклиментовата писменост, Светиклиментовата црква и Светиклиментовата школа и нека биде вечен неговиот благослов за Охрид и Македонскиот народ.
Нека овие мигови на заедништво и радост продолжат да бидат наша определба за поубаво утре! Нека е за многу години големиот празник, да славиме и чествуваме во здравје и среќа уште многу лета Господови и да го оставиме во аманет на идните поколенија!
Нека е вечен Свети Климент, нека е вечен Охрид, нека е вечна Македонија!, истакна градоначалникот Пецаков.
Проф. д-р Јордан Плевнеш кој е годинешен добитник на највисокото општинско признание наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2023 година, упати голема благодарност до Општина Охрид за доделената чест.
– Наградата Свети Климент Охридски, највисокото признание на Општина Охрид за мене означува една форма на временско отворање на епохите. Во сите осум милениуми на Охрид како да лебди Светиклиментовиот лик како основач на првата школа на хуманизмот во Европа. Имаше голема церемонија во Франција кога добив Гран при за животно дело и тогаш беше возбудата многу голема, но кога прочитав и кога ми го испратија писмото од општина Охрид во името на градоначалникот и стручната комисија, во мене се роди едно посебно чувство дека само Охрид може да Ве дарува со вечност и само Свети Климент може да Ве благослови. Наградата за мене е едно големо признание кое го доживувам како една интимна благодарност од мене, од мојата сопруга и од моите синови до градот Охрид, истакна Плевнеш.
Тој во името на Охридската академија за хуанизам на градоначалникот Кирил Пецаков му ја предаде документацијата за поставување на првиот и единствен Споменик на хуманизмот во светот токму во Охрид. Тој изрази надеж и верување дека во најскоро време оваа убава иницијатива ќе биде реализирана.
Повелбата “Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“, годинава им беше врачена на Христијана Парулеска која имаше меѓународен успех на светските натпревари во таквондо, на Интернационалниот поетски фестивал „Поетска ноќ во Велестово “ и посхумно на радио водителот Елеонора Чекреџи.
Во рамки на свеченоста, учениците од Охридската гимназија која го носи името на Свети Климент, ја почестија публиката со богата, музичка и уметничка програма.
Како дел од празничната програма во Куќата на Уранија беше отворена Изложба на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј“ –во коорганизација на општина Охрид и Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија.
Исто така во изложбениот салон на Центарот за култура беше отворена и Традиционална изложба на Фото клуб – Охрид. Оваа година изложбата беше посветена наЈубилејот: 25 години од формирањето на Фото клубот.
Свеченостите посветени на охридскиот патрон, продолжуваат и утре со поклонение пред моштите на Свети Климент на Плаошник и полагање на свежо цвеќе пред спомениците na светецот во ОУ “Св.Климент Охридски“ и на градскиот плоштад.