Со свечена академија, вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше одбележан 23 октомври – Денот на Македонската револуцинерна борба.

Пред бројните граѓани и гости свое обраќање имаше градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA– Македонската револуционерна борба е нашето вкоренето чувство за слобода, достоинство и национална припадност. Таа претставува долг и славен процес, исполнет со храброст, жртва и огромна љубов кон татковината.

На овој ден, пред 132 години, група храбри Македонци ја формираа Внатрешната Македонска Револуционерна организација. Тоа беше чин, кој значеше почеток на борбата за нашата национална независност и државност.

Во текот на вековите, Македонците се кревале на востанија и отпори против различни окупатори, борејќи се за својата слобода и идентитет.

Таа борба не била лесна, потребна била храброст и голема верба во македонската кауза, дека нашиот народ заслужува свое место под сонцето, со свој јазик, култура и иднина.

Охрид, со својата богата традиција и историја, отсекогаш бил дел од револуционерната идеја. Горди сме што нашиот град дал многу херои и е активен учесник во најважните моменти од македонската борба за слобода.

Затоа, ние охриѓани овој празник не го славиме само како спомен, го славиме како обврска да продолжиме да бидеме чувари на идеалите на сите оние кои ги положиле своите животи и да градиме општество кое ќе биде праведно, демократско и посветено на младите генерации.

Почитувани,

Иднината не треба да се чека, иднината треба да се создава, а секој од нас има своја улога, со знаење, со работа и со љубов кон својата родина. Затоа продолжуваме заедно и сплотени кон нови победи и успеси за подобар живот во нашиот Охрид.

Нека овој празник не потсетува кои сме, што сме и зошто е важно никогаш да не отстапиме од своите вредности. Револуционерната борба нека биде нашата вечна инспирација за зачувување на нашиот национален идентитет и се што е македонско.

Нека е за многу години големиот празник, да го чествуваме и почитуваме уште многу години! Нека е вечен Охрид , нека е вечна Македонија!, истакна Пецаков во своето обраќање.

Свеченоста беше збогатена со настап на учениците од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Пештани, настап на уметникот Горан Андреевски и охридската група „Чардак“.