Во Прличевата одаја во градската  библиотека, денеска свечено беше одбележана 145 годишнината од раѓањето на Кирил Прличев. На свеченоста се обрати претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска, а за ликот и делото на синот на Григор Прличев историски час одржа професорот по историја Климент Спасески.

-Се собравме денес овде во Прличевата одаја, да му оддадеме должна почит и да ја одбележиме 145 годишнината од раѓањето на Кирил Прличев, синот на  великиот Григор Прличев. Почестени сме што денес меѓу нас е внукот на Кирил Прличев и заеднички можеме да ја изразиме нашата благодарност за делото на  неговиот дедо и прадедо кои имаат особит белег во историјата на Охрид.

Кирил Прличев бил голем македонски патриот,македонски револуционер, публицист, журналист, идеолог и интелекуалец кој не се колебал јавно да ги соопштува и да ги брани своите ставови. Бил образован, се интересирал за книжевноста, говорел и пишувал на неколку јазици и вешто знаел сето тоа да го спои во неговото учество во речиси сите етапи на македонската револуционерна борба.

Делото на Кирил Прличев сеуште докрај не е истражено, но како што велат познавачите, тоа е голем предизвик за младите научници. Доколку со чесен и методолошки фундиран начин  се пристапи во проучувањето на делото на Кирил, тогаш ќе се потврдат многу претпоставки за конкретниот придонес на Григор Прличев и неговото семејство не само во книжевноста, просветителската и револуционернта дејност, туку и во вкупните процеси на Македонската преродба.

Само големите луѓе можат да го препознаат најважното и реалното во народните преданија. Слушајќи ги преданијата кои му ги раскажувал неговиот татко Григор Прличев, Кирил заедно со професорот Димче Коцо во 1943 година ќе трагаат по темелите на црквата и гробот на Св. Климент Охридски на Плаошник.

Во животната приказна на Кирил Прличев има многу засега непознати делови, но едно е сигурно дека во неа има многу симболика. Вечно почиваат заедно со неговиот татко Григор  во гробот што се наоѓа кај црквата Св. Богородица- Перивлепта, светилиштето во кое до возобновувањето на црквата на Плаошник беа сместени моштите на Св. Климент Охридски.

Да завршиме со уште една симболика. Ако „Охридскиот Хомер“  ни ги остави во наследство нескршливиот слободарски дух, витешката борба и етичките приципи, тогаш ние како генерација, треба да ги употребиме како клуч за отворање на вратите на иднината –рече Живка Ангелоска, претседател на Советот на општина Охрид.

Внукот Кирил Прличев, кој го носи името на својот дедо, се заблагодари за организирањето на свеченоста, а на претставник на охридскиот Завод и Музеј му подари портрет на Кирил Прличев. Претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска, на Кирил Прличев му врачи примерок од книгата „ Антологија на ловорот“  која неодамна ја публикува Локалната самоуправа. Во културно-уметничката програма  настапи Ѕвездана Дуцкиновиќ од ОМУ „ Методи Патче“ .