Денес во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид се одржа првиот Регионален саем на социјални претпријатија од Југозападниот регион во организација на Регионалниот центар за поддршка на социјални претпријатија и проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“.

Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Кирил Пецаков истакна дека овој настан е многу значаен за нашиот регион бидејќи има за цел да ги презентира позитивните економски промени во однос на социјалната вклученост и одржливиот развој на заедниците.

– Ранливите категории на граѓани се наши соседи, наши роднини, наши пријатели, кои поради различни околности немаат услови за основна егзистенција, но заслужуваат да добијат вистинска шанса и поддршка во борбата за достоинствен живот и сами да обезбедат подобра иднина за своите семејства. Социјалното претприемништво е еден од начините за постигнување на ваква социјална хармонија и економска стабилност за сите граѓани. Социјалните претпријатија претставуваат иновативен економски модел кој овозможува услови за инклузија на сите лица кои немаат сигурна егзистенција. Тое е еден нов начин на бизнис чиј профит се реинвестира за постигнување на социјални цели вклучувајќи хуманост и солидарност. Економските активности на социјалните претпијатија се исклучително важни за поддршка на најранливите, кои немаат пристап до домување, образование, социјални услуги, кои се исклучени од пазарот на труд и се соочуваат со сиромаштија, рече градонаначалниот Пецаков.

Тој упати честитки до сите економските оператори кои претставуваат позитивни примери за успешни социјални приказни, иако концептот за социјално претприемништво се уште е во својот ран зачеток.

– Нивниот етузијазам и желба треба да послужат како охрабрување за останатите економски чинители кои треба да се вклучат и да придонесат во овој процес. Веќе е донесена „Стратегијата за социјално претприемништво“, како прв официјален документ кој претставува своевиден акционен план, врз чија основа ќе се развиваат социјалните претпријатија во нашата држава. Секоја поддршка е ветер во грб, а особено ако доаѓа од локалната власт, затоа Општина Охрид е подготвена за соработка и партнерство во целокупниот процес за развивање на локални иницијативи за социјално преприемништво. По примерот на современите европски практики, ги поттикнувам сите компании, невладини организации, образовни институции и другите социјални установи активно да се вклучат во овој процес, истакна градоначалникот Пецаков.

Тој изрази надеж дека концептот на социјално преприемништво ќе прерасне во една успешна приказна во Охрид и целиот Југозападен регион и ќе придонесе за долгорочни социјални промени во општеството.

На саемот во Охрид беше презентирана работата на 14 организации од Југозападниот регион кои функционираат како социјални претпријатија.

Проектот „Поддршка на социјално претприемништво“ е поддржан од Европската Унија, а го спроведува Ептиса, во конзорциум со Барка и Екорис, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.