Како дел од тековниот „СТАР5 проект“, финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), имлеменетиран преку Програмата за животна средина на Обединетите Нации (УНЕП) и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска во Општина Охрид се одржа работен состанок посветен на процесот за изработка на Студијата за ревалоризација на Споменикот на природата Охридско Езеро и Планот за негово управување.

Во изработката на студијата вклучени се и претставници од Меѓународната унија за зачувување на природата IUCN-ECARO. Даниел Богнер експерт за управување со заштитени подрачја во својата презентација појасни дека во студијата се посочени главните закани за езерото, дефинирани се строги зони на заштита, зони за активен менаџмент како и препораки за воспоставување на тело за управување со заштитеното подрачје на Охридското Езеро.

Градоначалникот Константин Георгиески во своето излагање пред присутните потенцираше дека Студијата за ревалоризација треба да биде во корелација со одредбите во Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, особено во делот за управување со првата заштитна зона, која се формира во појас од 50 метри, сметано од границата на катастарска парцела Охридско Езеро и има три подзони. Според него, од исклучително значење е прецизирање на јасни одредби, кои имаат за цел да ги спречат заканите врз екосистемот на езерото и да дефинираат пропишани норми за понатамошно управување со крајбрежјето.

Финалната верзија на Студијата за ревалоризација според најавите треба да биде комплетирана до крајот на оваа година, по што е планирано да биде организирана јавна расправа. Оваа студија ќе биде базична основа за донесување на Законот за препрoгласување на Охридско Езеро како споменик на природата.