Синоќа на сцената на Долни Сарај, свечено беше отворен 61 Балкански фестивал на народни песни и игри. Во името на Собранието на Република Македонија, се обрати потпретседателот на македонското собрание, Горан Мисовски.

Оваа манифестација овозможува афирмирање и промовирање на различните културни богатства на народите на Балканот и пошироко. Нивното промовирање преку музика, песни и танци е голема умешност и јас ги охрабрувам сите вклучени институции и присутни изведувачи и во иднина да продолжите со зачувување и промовирање на овој фестивал, а ние ќе бидеме до вас за заедно да им ја всадиме љубовта кон народните песни и игри на младите генерации, за чувството на гордост и задоволство од посебноста на нашето придонесување во нивната толеранција и изразување на почит и кон различното, нагласи Мисовски.

Во името на градот домаќин, се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, кој во оваа прилика истакна:

– 61, издание на Балканскиот фестивал, повторно од светиот и светол Охрид, низ играта и песната, ќе ги упати универзалните пораки на уметничкото изразување, за хуманизам, разбирање на различностите и презентирање на сопствениот идентитет, јазик и културно наследство. Пораките, денес се уште позначајни, во време кога над Македонија се надвиснуваат сеништата на минатото, загрозувајќи ја иднината на нашиот народ. Верувам дека и ова издание на Фестивалот ќе го покаже милениумскиот цивилизациски белег на Македонците, како што тоа го покажуваат и нашите драги гости од Балканот и пошироко. Балканскиот фестивал на народни песни, е не само македонски, туку и светски културен трезор, во кого грижливо се чуваат богатствата на фолклорната традиција, не само на македонскиот, туку и на многу други народи. Тие фолклорни богатства се пренесувале од колено на колено со генерации, правејќи вистински културолошки филиграни кои им одолевале и им  оддолеваат  на сите притисоци на современото живеење.

Првата фестивалска вечер беше резервирана за ансамблот ТАНЕЦ, а до крајот на фестивалот, на сцената на Долни Сарај, покрај фолклорни групи од Македонија, ќе настапат и гостите од Србија, Албанија, Словачка и Босна и Херцеговина.