Правилна распределба на буџетските средства, особено  од општинскиот  буџет, со цел да се овозможи покорисно и потранспарентно префрлање на средства до граѓанските организации беше тема на разговор на работната средба на која присуствуваа градоначалникот Кирил Пецаков, Билјана Георгиеска од УНДП и  претставници од надлежните служби на Општина Охрид.

Заеднички беше заклучено дека проектот  “Регионална програма за локална демократија на Западниот Балкан“ (ReLOaD2) на  УНДП кој почнува да го применува Општина Охрид е повеќе од неопходен затоа што соодветната распределба на јавните финансии ги потврдува добрите намери на институциите за одговорно управување со јавното трошење.

Градоначалникот Пецаков беше информиран дека изработената ЛОД методологијата овозможува транспарентна распределба на средствата на граѓанските организации и јакнење на взаемната доверба, а истовремено и максимална искористеност на средствата кои се распределени на граѓанското општество, преку постигнување на развојните цели за општините.

На средбата стана збор и за јавниот и транспарентен повик за сите граѓански организации кои треба да поднесат предлог проекти во дадена област. Проектите потоа се оценуваат од страна на комисија и на крајот се финансираат од општинскиот буџет. Транспарентниот и конкурентен процес за избор на проектите на граѓанските организации придонесува за обезбедување подобри услуги и конкретни резултати за локалното население.

По средбата со градоначалникот Пецаков во големата сала на Општина Охрид се одржа јавна дебата на која претставници од локалната власт и УНДП заедно со претставници од граѓанските организации  дискутираа за предлог приоритетните области во кои вреди да се финансираат буџетски средства и тоа: Младински активизам и партиципација; Родова еднаквост, економска и социјална инклузија и  туризам, заштита на животната средина и култура.

Методолошкиот пристап за транспарентна распределба на средствата има за цел да се комбинираат препораките на ЕУ за управување со проектен циклус (УПЦ) и да се обезбедат инструменти за ефикасно трошење на јавните средства.