На денешната, триесетта седница на Советот на општина Охрид, беа усвоени предлог одлуката за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистички планови и  постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени обејкти и предлог одлуката за  усвојување на Извештајот и Акцискиот план за постапување по Заклучоците од 146-та седница на Владата на Република Северна Македонија.

Во изјава за медиумите градоначалникот, Константин Георгиески истакна дека е задоволен од што се покажа единство околу теми кои се клучни за Охрид.

-Најпрво сакам да изразам благодарност до членовите на Советот на Општина Охрид кои ги поддржаа двете предлог одлуки во согласност со дадените задолженија на Владата на Република Северна Македонија, врз основа на препораките кои беа нотирани од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Особено ме радува фактот што како охриѓани покажавме заедништво и единство за теми кои се од клучен интерес за нашиот Охрид.

По завршувањето на 43-та сесија на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО, што се одржуваше во Баку, Азербејџан, јас како градоначалник заедно со надлежните служби во општината, сме максимално посветени и секојдневно работиме на исполнување на дадените владини задолженија, со цел Охридскиот регион да не биде впишан во Листата на загрозено светско наследство.

Во зададениот рок изготвивме Акциски план во кој се опфатени сите чекори, сите постапки и активности кои ќе бидат преземени во наредниот период и се однесуваат на исполнување на препораките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, а се во надлежност, односно за нивно исполнување е надлежна Општина Охрид.  Со усвојувањето на Предлог-одлуката за времен прекин на донесувањето и спроведувањето на урбанистички планови и постапки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, денес започнуваме со реализација на активностите од Акцискиот план. Тоа значи дека од денес се воведува времен прекин на спроведување и донесување урбанистички планови, урбанистичко плански документации и архитектонско – урбанистички проекти на територијата на општина Охрид. Исто така времено се прекинуваат сите нови постапки за предмети кои се однесуваат на издавање одобрение за градење, одобрение за надградба и одобрение за доградба, после стапување во сила на оваа одлука. Сите постапки со добиено одобрение за градење можат да продолжат со реализација.  Оваа Одлука не се однесува на барања за: извод од план, решение за измени во тек на градба, промена на инвеститор, реконструкција, адаптација и пренамена, решенија за градби за кои не се издава одобрение за градење и отпочнатите постапки за издавање на одобренија за изградба, надградба и доградба. Исто така оваа одлука не се однесува на барања за изградба и реконструкција на инфраструктурни објекти.

Сакам да нагласам дека нашата политичка волја и подготвеноста да се постапува по наодите на стручните тела на УНЕСКО е значаен исчекор во однос на сите предходни власти. Како што имам изјавено и претходно, остануваме отворени за соработка со сите политички и општествени чинители во градот и во државата. Во целокупниот процес очекуваме поддршка од граѓаните и интерес за соработка од страна на експертската јавност, граѓанскиот сектор и од вас медиумите. Убеден сум дека низ заеднички заложби ќе постигнеме значаен напредок во исполнување на сите препораки и дека Охрид ќе продолжи да биде Град на УНЕСКО со кој сите ќе се гордееме, рече градоначалникот Георгиески.