Со панихида и пригоден историски час, денеска кај неговото вечно почивалиште што се наоѓа на источната страна на црквата „Свети Константин и Елена“ беа  одбележани 155 години од раѓањето и 75 години од смртта на македонскиот револуционер, просветниот и општествен деец, охриѓанецот Андон Кецкаров. На чествувањето за ликот и делото на Кецкаров зборуваше Д-р Никола Митровиќ- Бабе.

Андон Кецкаров  е роден во Охрид во 1865 година и е еден од истакнатите интелектуалци од 80-те и 90-те години на XIX век, кои бараат нови форми на организирање на населението, комбинираjќи ја просветната со револуционерната агитација. Во периодот 1887-1889 година Кецкаров бил учител во Охрид, а меѓу 1889-1897 година во Битола. Во 1942 година Кецкаров бил еден од основачите на Охридската општограѓанска фондација „Св. Климент Охридски“, која имала хуманитарни цели. Починал на 30 јануари 1945 година.

Пригодните чествувања за првпат се организираа пред  спомен обележјето кое неодамна  беше соодветно реконструирано и уредено  од страна на Општина Охрид и ЈП „ Градски гробишта“.