Реконструираната улица „Јане Сандански“ добива сообраќајна сигнализација по сите современи стандарди. Покрај обележување на основната хоризонтална сигнализација, обележани се велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Исто така, предвидено е поставување на вертикална сигнализација.

Со овие активности, целосно се комплетира проектот за реконструкцијата на оваа важна сообраќајница во Охрид.

Претходно беше извршена промена на водоводната мрежа, беше поставена нова фекална и атмосферска канализација. Поставен е асфалт на коловозната лента, беа уредени тротоарите и велосипедските патеки од двете страни на улицата. Се оформија локации за паркирање, две автобуски постојки и две локации за такси превозници. Поставено ново улично осветлување, уредени се зелени површини и засаден е нов дрворед.

Вредноста на целокупниот проект изнесува околу 33 милиони денари, а средствата се обезбедени од буџетот на Општина Охрид.