Со свечена приредба која се одржа доцна попладнево во спортската сала „Билјанини извори“, ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ го одбележаа својот патронен празник.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

-Голема е радоста на овој прекрасен празничен ден, кога ја славиме слободата на нашиот Охрид, да бидам дел од оваа неповторлива атмосфера, исполнета со весел џагор и најубави детски насмевки, кои ни ја милуваат душата и ни ги топлат срцата.

Во мое лично име и во името на Општина Охрид упатувам срдечни честитки по повод патрониот празник на Детската градинка „Јасна Ристеска“ со желби за уште многу успешни години, значајни јубилеи и долга низа на нови генерации.

Оваа установа речиси 6 децении е најубавото царство на детството и место кое е најзаслужно за правилниот раст и развој на најмладите. Сакам да упатам посебна благодарност до воспитувачките, негувателките и целокупниот работен тим на градинката.

Тие заслужуваат огромна почит и внимание за целиот свој педагошки ангажман, за несебичната грижа и воспитувањето на нашите деца. Вистинската слика за нивниот труд е оваа денешна приредба која резултат на голема креативност и посветеност.

Воспитувањето и образованието на децата се најважните работи во едно општество и затоа Локалната самоуправа континуирано работи на подобрување на условите за најмладите.

Во тек е реализацијата на неколку проекти за обезбедување на подобри услови во сместувачките објекти на градинката, а во наредниот период ќе работиме и на важни инвстиции во насока на зголемување на капацитетот за згрижување на деца.

Дечињата се нашето непроценливо богатство, највредното нешто на овој свет и нашата светла иднина. Затоа посакувам да имаат безгрижно детство исполнето со другарување и игри и секој ден да им биде поубав од претходниот!

Денешната свечена програма за миг ќе не однесе во детскот свет, полн со искреност, нежност и невиност. На родителите ќе им донесе незимерна среќа, на воспитувачите голема гордост, а на сите останати вистинско уживање исполнето со надеж за поубаво утре!

Нека е честит и вековит денешниот празник, нека е вечен нашиот Охрид!, истакна градоначалникот во своето обраќање.

Во рамки на свечената програма беа изведени бројни музички и танцувачки точки подготвени од најмладите, под менторство на воспитувачите од градинката.