Синоќа во Музејот на македонската борба за независност во Скопје со пригодна програма беа одбележани 135 годикни од раѓањето на светски познатиот онколог од Охрид д-р Атанас Коцарев.

Д-р  Коцарев има  високи научни откритија во областа на онкологијата и лекувањето на онколошките пациенти за што светската научна јавност му се восхитува и заблагодарува.

На синоќешниот настан пред присутните меѓу кои и амбасадорите на Франција и Швајцарија Кристофер Ле Риголер и Вероник Хулман, се обрати градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаковц.

Чест и задоволство е да се присуствува на одбележување на 135 години од раѓањето на светски познатиот онколог од Охрид, д-р Атанас Коцарев. Неговите научни онколошки достигнувања во една од најделикатните и најболни медицински сфери допринеле да се спасат  многу животи и токму поради тоа сетоа она што дене ќе го кажеме за него е премало, недоволно, едноставно. 

Охрид како град на УНЕСКО е надалеку познат по својата природна и културна убавина, на која никој не останал рамнодушен.  Но таа  историска ризница од секогаш била збогатувана со познати културни и научни дејци, великодостојници на кои им се поклонувал Светот.  Во многуте животни приказни кои будат восхит е уникатната приказна, за човек кој се родил во нашиот град и кој оставил бесценето наследство за човештвото – нашиот истакнат охриѓанец и врвен научник,  д-р Анастас Коцарев.

Со ликот и делото на д-р Коцарев, Охрид ја комплетира својата биографија како место од кое потекнуваат голем број истакнати великани, кои оставиле значаен печат низ неговото милениумско постоење.

Општина Охрид веќе отпочна низа подготовки и активности со цел името на д-р Коцарев да го добие своето заслужено место во мозаикот на непроценливи вредности, кои внимателно ги чуваме и почитуваме. Ќе поведеме иницијатива за соодветно обележување на родната куќа на д-р Коцарев во Охрид, која подоцна би прераснала во музеј. Исто така, планираме да спроведеме постапка за именување на улица и медицинска установа со неговото име и да поведеме иницијатива, во наставните програми за учениците да се изучува за неговите научни достигнувања.

Сите овие наши планови и активности нема да бидат комплетни ако тука не бидат вклучени и Франција и Швајцарија, неговите втори татковини каде по волја на судбината и животните патишта таму студирал, работел и ги создал неговите највредни наоди и научни трудови. Токму во таа насока, мојот тим веќе работи на усогласување на меморандум за соработка со општина Бонди, како прв чекор кон збратимување и воспоставување на партнерство помеѓу двете општини.

Тука не ја исклучуваме и Швајцарија, односно Женева и Лозана, каде се чувствуваат длабоки траги од неговото присуство и дејност на почетокот од 20 век.

Убеден сум дека само преку взаемна соработка меѓу трите држави ќе обезбедиме соодветно претставување на неговиот лик и дело кое има вонвременско значење 

Нека му е вечна славата на д-р Анастас Коцарев кој спомен го чествуваме денес за да не биде заборавен и од идните генерации– подвлече Пецаков.

Во рамки на настанот беше прикажан документарен прилог и се читаа фрагменти од книгата што во негова чест ја пишува неговата внука д-р Соња Трпезановска- Коцарева. Свое обраќање имаше и директорката на Музејот, Анче Илиевска, поранешниот претседател на МАНУ академик, Љупчо Коцарев и градоначалникот на општината Бонди во Париз каде живеел д-р Коцарев, Стефан Ерве.

Одбележувањето на годишнината од раѓањето на д-р Коцарев  се одржа паралелно во Скопје и Париз во координција со општина Бонд  и здружението „Заборавени Македонци“ и македонската заедница  во Франција кои секоја година чествуваат на неговото вечно почивачиште на старите градски гробишта во Бонди.