Вечерва спроти големиот христијански празник, Богојавление – Водици во куќата на Уранија во Охрид свечено беше доделена светската награда за хуманизам на добитникот за 2020 година, академик Георги Старделов.
Тој е првиот добитник на ова престижно светско признание од нашава земја , а наградата му ја врачи градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
– Импозантниот творечки опус на професорот Георги Старделов ноќва во Охрид, во очи големиот христијански празник Богојавление -Водици собра домашна и меѓународна асемблеја на гости . Вечерва кога сме „најблиску до Бога“ со чиста љубов и мисла се поклонуваме пред делото на Македонецот кој со своите величествени творечки достигнувања успеа да ја извиши нашава земја до најодалечените Светски културни меридијани. Академик Георги Старделов е четиринаесеттиот добитник по ред на светската награда за хуманизам, а прв од Македонија, правејќи не со тоа, нас Македонците исклучително горди што припаѓаме на неговиот род. Тој е автор на импозатен опус од доменот на филозофијата, естетиката и критичката мисла, објавен на голем број јазици на петте континенти. Пред официјалното овенчување на професорот Старделов со престижното светско признание сакам да упатам јавна Благодарност до амбасадорот Јордан Плевнеш и до Охридската академија на хуманизмот што ја организираат оваа величествена манифестација со која се активира генетскиот код и колективната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа. Овој настан кој на величествен начин ја најавува утрешната прослава на која се одбележува „Крштевањето на Бога“ стана наша неопходност како писменост, како традиција, како култура , како континуитет на духот. Охрид престолнината на духовноста и верата изразени преку утрешните прослави, вечерва повторно оживува и како центар на хуманизмот што столетија и столетија пред нас го основа Климент Охридски. Нашиот чудесен Охрид, градот на УНЕСКО оваа година ќе биде закитен и со спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“ чиј автор е неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година на кого искрено му оддаваме почит. Почитуван професор Горги Старделов, дозволете да Ви го честитам добивањето на Светската награда за хуманизам и да ви ја врачам оваа резбана Статуетка на Св. Климент Охридски која верувам дека ќе биде ваша идна инспирација за достигнување на нови творечки хоризонти – рече градоначалникот Георгиески.
Добитникот на наградата го изрази своето задоволство што и тој се вброи во личностите кои оставиле траги во развојот на светскиот хуманизам.
–Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи моето име на оваа светска награда со огромен престиж што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот– истакна Старделов
Во беседата посветена на годинешниот добитник на наградата претседателот на Охридската академија на хуманизмот, Јордан Плевнеш образложи зошто е неопходно Старделов да биде добитник на престижното признание.
–Академик Георги Старделов, станувате прв добитник на Светската награда на хуманизмот од Македонија, бидејќи Вие сте автор кој припаѓа на Врвот на Светската цивилизација и кога Вие ќе ја изговорите парадигмата Weltschmerz и македонскиот бол станува дел од светскиот бол .Кога Вие ќе изговорите светска филозофија и Македонија ја добива со Вас потпорната Архимедова точка. Кога ќе речете Светска историја го одредувате местото на Македонија и нашите очи се свртени кон Вашата реторика, бидејќи Вие сте оратор што не се повторува еднаш на 1000 години. Како што пишуваше охридскиот раскажувачки гениј Живко Чинго Македонија е мала земја, во крпче да ја врзиш и тоа крпче се огледува во мислата на Сервантес: El Mundo es un Pañuelo или целиот свет е мал како едно марамче и од тој мал свет, крпче, марамче, шамивче, handkerchief, mouchoir ..Вечерва во име на Интернационалното жири на Охридската академија на хуманизмот Ве прогласуваме за прв добитник на Светската награда на хуманизмот од Макадонија И тоа е доволно за следните 1000 години. Ве прогласуваме од простата причина што Кога ќе речете Светска естетика ќе излезат сите Ваши книги и списи за јужнословенската естетика, за балканската естетика, за европската естетика, Бидејќи само Вам Ви личи да ја објасните сличноста меѓу двата збора Бескрај и Македонија Затоашто и Бескрајот и Македонија се слични оти Граничат сами со себе. – истакна Плевнеш.
Беседа за Старделов одржа и претседателот на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, Жан-Патрик Конрад, професор на Ројал колеџот од Лондон.
–Мислам дека овогодишниот лауреат, за 2020 година, академик Георги Старделов, со целокупното негово дело, во доменот на литературата, естетиката и филозофијата, е вистинската интернационална референца и нов столб на хуманизмот кој ќе продолжи да ја води ваквата борба, токму затоа што тој, покрај своите таленти и знаење, ја има и ПРИВИЛЕГИЈАТА да биде македонец! Да се биде македонец значи да не се припаѓа на ниедна од големи националистички ложи на Европа на неприкосновената моќ, и во таа смисла можеме да можеме слободно да им судиме на идеите што сакаат по секоја цена да ни ги наметнат во нашата современост. Му посакувам храброст и сила неопходна за оваа задача и сигурен сум дека Светската награда на хуманизмот ќе му ја даде најсоодветната платформа за да се слушне надалеку неговиот глас. Ова би го кажал за вас господине Старделов, ако бев присутен! За жал, на 18 јануари, морам да одам во Големото Војводство од Луксембург да учествувам на Советот за образование и затоа нема да можам да учествувам (на мое големо жалење) во пренесувањето на факелот на хуманизмот- истакна Конрад чие обраќање пред присутните го прочита Лилјана Плевнеш.
На свеченоста со посебно признание му беше одадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, автор на спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“, коешто годинава ќе биде свечено поставено на плоштадот „Долна Порта“.
По повод овенчувањето на Старделов со Светската награда за хуманизам ,организаторот – Охридската академија на хуманизмот објави и печатена публикација. Настанот е поддржан од Општина Охрид.