ПРОМОВИРАНА КНИГАТА „ОХРИДСКИ РАСКАЖУВАЧИ“
- февруари 4, 2022
- 0
- Категорија:
Во рамки на традиционалната културна манифестација „Прличеви Беседи“ денес напладне во големата сала на Општина Охрид се одржа промоција на книгата „Охридски раскажувачи“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. На настанот присуствуваше и градоначалникот Кирил Пецаков кој во своето обраќање истакна
– Возвишено е чувството да се присуствува на чествувањата посветени на еден од најмаркантните македонски книжевници на сите времиња големиот Григор Прличев или вториот Хомер како што го нарекува светската стручна фела. Тој е отворена тема и, секогаш длабоко инспиративен и благороден за творечка креација и јас верувам дека нема книжевник кој не посакал да ја одгатне суштината и да ја покаже вредноста на безвременската поема „Сердарот “ и останатите дела од неговиот богат книжевен опус. А времето покажало дека во редот на книжевните творци кои секоја година го дополнуваат мозаикот за големиот Прличев се ценетите професори Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски. Искрено им се заблагодарувам што на околу 300 страни го креираа својот најнов труд „Охридски раскажувачи“ чиј издавач е Oпштина Охрид, а кој денес го промовираме. Во него е прикажана раскажувачката страст на многу охридски великани, меѓу кои, Кузман Шапкарев, Живко Чинго, Ефтим Спространов, Видое Видически и многу други кои на нашиот македонски јазик ја оспособија мислата да се развива слободно, онака како што сакаше големиот Прличев. По својата содржина, книгата „Охридски раскажувачи“ е алка помеѓу сегашноста и минатото, еден светол пример дека многу охридски раскажувачи тргнале по стапките на Прличев кој во секоја прилика и секаде говорел на мајчиниот охридски дијалект кој совршено го познавал и владеел. Зошто за него многу побитно било да го зборува охридскиот дијалект кој видно се разликувал од бугарскиот јазик. Преку промоции на вакви книги значително придонесуваме за зачувување и промовирање на ликот и делото на Григор Прличев. Ваквите настани се израз на длабока почит кон животот и делото на Прличев и даваат јасна порака до идните генерации за негување на традицијата и своите корени. Со организирање и поддршка на ваквите настани Локалната самоуправа покажува дека е определена и во иднина да продолжи да ги негува културните традиции и да дава придонес во зачувување на културните вредности на Охрид – рече градоначалникот Пецаков.
Промотор на книгата беше м-р Перчо Божиновски.
Претходно делегација на Општина Охрид предводена од претседателот на Советот, Сашо Донев положи свежо цвеќе пред споменикот на ООУ „Григор Прличев“ коешто денес го одбележува својот патрон празник.