Размена на добри практики за одржлива урбана мобилност, климатска адаптација и
дигитални решенија во јавниот транспорт, се главните теми на конференцијата „Green Urban Transport Solutions“, што започна денеска во Охрид.

На свеченото отворање на конференцијата, пред присутните свое обраќање имаше Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

– Ми претставува особена чест и задоволство што сум дел од овој убав настан и што имам можност да ве поздравам од името на Општина Охрид и да ви посакам топло добредојде на конференцијата „Green Urban Transport Solutions“. Особено сме благодарни што нашиот прекрасен туристички центар е избран да биде домаќин на еден ваков значаен настан, посветен на иднината на урбаната мобилност, климатската адаптација и иновативните дигитални решенија во јавниот транспорт.

Ова се прашања, кои во последниот период се многу актуелни и важни за секоја локална заедница, а особено за урбаните средини на Западен Балкан.Градот Охрид, како значајна туристичка и културна дестинација, активно работи на унапредување на целокупната инфраструктура и создавање поеколошки и поудобни услови за движење на нашите граѓани и посетители. Преку различни иницијативи и планови активно работиме на развој на една поодржлива урбана мобилност, која е неопходна за современиот начин на живот.

Почитувани,

Охрид не е обичен град – тој е жив споменик на човештвото, чувар на културното и природното наследство впишано во листата на УНЕСКО. Неговите цркви, древните базилики, Самоиловата тврдина, Античкиот театар, како и бескрајната убавина на Охридското Езеро и планината Галичица, не потсетуваат дека живееме во една средина кој заслужува посебно внимание, грижа и визија.

Токму затоа, обврската за зачувување на ова наследство оди рака под рака со потребата да изградиме урбана мобилност што ќе биде и одржлива и достапна, како за охриѓани, така и за туристите што секојдневно не посетуваат.

Веруваме дека оваа конференција ќе придонесе за зацврстување на соработката меѓу институциите, експертите и носителите на одлуки, како и кон размена на знаења и добри практики што ќе можеме да ги имплементираме во иднина. Нека ова конференција биде движечка сила кон зелена, паметна и хумана мобилност.

На сите учесници кои се дел од оваа конференција им посакувам успешна работа на панелите, инспиративни дискусии, вредни заклучоци и се разбира многу убави мигови во Охрид.  Срдечно ве поканувам, во слободното време од конференциските активности, да ги доживеете убавините на нашиот уникатен град, да го почувствувате мирот на езерото, да ја видите вечноста на нашата култура и да ја вкусите нашата гостопримливост. Благодарам на сите иницијатори и партнери што го организраа овој настан и уште еднаш – Ви посакувам големо добредојде во Охрид!, истакна Божиновски во своето обраќање.

На настанот свои обраќања имаа Ејупи Ресми, државен секретар во Министерство за животна средина и просторно планирање; Ивен Шад, прв секретар, раководител на развојна соработка, во Германската амбасада во Тирана;  Дубравка Бошњак, проект менаџер, Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа; Методија Атанасовски, продекан на Технички факултет Битола; Горан Лампељ, координатор на ODRAZ, CIVINET, Словенија-Хрватска и Југо-Источна Европа и Недим Беговиќ, Транспортна заедница.

Конференцијата „Green Urban Transport Solutions“ обединува повеќе паралелни настани, вклучувајќи ја и научната конференција Transport for Today’s Society (TT’S 2025), XII конференција на CIVINET, VII регионална конференција ProSUMP, како и состанокот „Clean Bus and Clean Fleet“ на Транспортната заедница.

Конференцијата е организирана во соработка со Транспортната заедница, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Општина Охрид, Техничкиот факултет во Битола и CIVINET Slovenia-Croatia.