- Телефон : +389 46 262 492
- Работно време : Пон-Пет 08:00 - 16:00
10 јуни 1912 е роден Ванчо Николески, таткото на македонската поезија и проза за деца, роден во Црвена Вода, Охридско. Има објавено голем број детски песни, кои и денес се паметат, но најпознат е по неговиот роман „Волшебното самарче“. Неговите соселани во Црвена Вода, во негова чест, изградија спомен-училиште. Од 2018 година, во организација на Друштвото за култура и литература „Мацково“, е воспоставен Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“. Поетско друштво „Ванчо Николески“ постои и во Квинбијан, Австралија.
21 јуни 1965 година згасна животот на најпопуларниот охридски трубадур и виртуоз на виолина, Климе Садило. Основач е на популарната тајфа на охридски староградски песни, во која влегувале: Наум Курте, Паско Пепелко, Кирил Кузманоски – Катилот, Димче Карче, Ѓоре Чочег и Мехмед Утчи. Немало свадба или друга веселба во Охрид и околината, без Садиловци. Песните за Деспина, Фросина, Антица, за Фанче, за Катуше, за Осман бегот и други, останале длабоко во меморијата на Охриѓани и денеска со посебен восхит се пеат на разни веселби, свадби и седенки. Дел од нивното богато музичко наследство останало забележано на повеќе грамофонски плочи. Како наследник на Садиловци и натамошен носител на трубадурската традиција се смета ансамблот „Билјана“ предводен од Кузман поп Стефанија, а неговото дело го продолжува нова генерација од млади, талентирани музичари.
11 јули 1955 година е роден Секула Пупиноски, естраден уметник, пејач на македонски народни песни. Пупиноски е познат по песните: Врати се бела Марија, За една Кристина, Моја Наде, После долги години и други. Ненадејно почина во Охрид во 2011 година.